Што работиш? Егзорцист сум.

Ова е секојдневие за Рејчел Стејвис, која најсериозно, мртва озбилна, работи - егзорцизам.

Како, како функционира тоа?

Имаш броеви од водоводџија, молер, плочкар, автомеханичар во телефон, и ете, под Е имаш и егзорцист?

Се такмичат ли луѓето кој има подобар егзорцист како што прават со гинеколози?

Гинекологот гледа ХПВ, Рејчел гледа демони (што му доаѓа од прилика исто). Гинекологот се труди да те ослободи од ХПВ, Рејчел те ослободува од демоните, само што, методот на работа малку им се разликува.

Ако одиме на друга варијанта, знаеш дека ти треба водоводџија кога ќе ти протече цевка или кога ти капе чешмата.

А според Рејчел, знаеш дека ти треба егзорцист кога „ќе почувствуваш темен облак над себе.”

Некои тоа го викаат понеделник.

Вака да ја чуеш, доста фино се однесува, особено со ориџин-сторито, кога објаснува дека кога била мала „гледала ентитети” (не ги вика демони) и кога кажала, многу брзо сфатила дека другите луѓе баш и не можат да ги видат, а ако ти ги гледаш си будала.

Интересното е што - не наплаќа.

Што нè носи до прашањето - од кај време за егзорцизми и што му е day job на човек што го работи ова?

Единствено што ни паѓа на памет е ова, ама тоа е од предрасуди. Може жената што ти дава евра во менувачница, за викенд да шутира демони.

Шала на страна, според тоа што го кажува, егзорцизмот и демоните воопшто не се со повраќање, вртење на главата за 360 степени и одење наопачки по скали, како на филм.

Постојат, вика, пијавици што им се закачуваат на луѓето и им ја влошуваат менталната состојба - ако си океј, стануваш депресивен, ако си веќе депресивен, стануваш суицидален - и така натаму.

Дали е паметно да постојат вакви работи што на луѓето им го одвлекуваат вниманието од одење на психијатар или психолог?

Тешко дека е.

Ама, за поедноставни непријатности - макар и тоа да значи „сакам да знам како е сега баба ми која почина лани” - одат, и на видеото има доста среќни луѓе. И не е многу поразлично од палење свеќа во црква.

Со тоа што, во црква наплаќаат.

28 ноември 2019 - 00:00