Сепак, понекогаш е битно да си ѝ прв

Во Канада постои сервис за изнајмување реалистични секс-кукли. Сега јасно ви е зошто е насловот таков?

Двајца ортаци почнуваат во Калгари, па се прошируваат во Ванкувер, а како трет ортак го земаат таткото на едниот.

Таткото дури и внесол позитивен и неосудувачки став во бизнисот и објаснува дека луѓето рентаат кукли од различни причини - парови си бараат зачинување на врската, самци се срамат премногу за жив партнер…

Ваквите кукли се сè попопуларни во Јапонија, каде што илјадници се продаваат на годишно ниво. Главниот производител, Ориент Индустри го развива овој бизнис над 40 години. Замислете ја таа реклама, слична на другите компании блиску до нас, што имаат децении традиција - „Да му веруваш на дедо”?

Овие во Канада се викаат Натри Долс и не се ни први - први биле Бела Долс кои се, пазете, бордел за секс кукли и отвориле во 2018, ама не се знае дали уште работат. Но, Натри не е бордел, сервис за изнајмување е - ги чуваат и ги чистат куклите, а на клиентите им допуштаат што сакаат да прават со куклите по дома.

Чистењето е со антибактериски сапун и жешка вода со висок притисок, па добиваат второ чистење со хидроген и алкохол. На крај, ги проверуваат со УВ-светло за да бидат сигурни дека нема никакви остатоци на нив. Затоа и се фалат на сајтот дека се „почисти од кој и да е човек.”

Можат да се резервираат за сесии од 1 час (149 долари), 3 часа (180 долари) или цела ноќ (249 долари). Можеш да одиш до магацинот сам да си одбереш, а ако си нарачаш со испорака, ти ја носат во пакување што личи како внатре да има инструмент.

Во Канада се донесоа закони што го следат „Нордискиот модел”, кои го криминализираат плаќањето за секс, но не и продавањето секс. На овој начин треба да се заштитат сексуалните работници, иако некои сметаат дека таргетирањето на клиентите сè уште ја зголемува опасноста за работниците.

Веројатно затоа и бизнисот со рентање кукли цвета.

13 јануари 2020 - 11:55