Садо-мазо госпоѓа наместо психијатар

Знаевте дека во свет постојат домини што служат и лајф-коучинг?

 

„Обожавам терапија, ама терапевтката не си ја обожавав. Беше млада, како и јас и нова, најдоброто што можев да го најдам со моето евтино осигурување. Јас ѝ бев прв вистински клиент, беше воодушевена, а јас бев шворц и во депресија.

Во текот на шесте месеци додека ја посетував, знаевме да седиме долго време во тишина, очајнички обидувајќи се да најдеме тема за зборување. Понекогаш дрндав колку ми е бесцелен животот, за чувството на вина и страв од напуштање што секаде ме следи и слично. Се обидував да ја забавувам со сексуални приказни за кои се каев од мојот тажен, но шармантен бисексуален живот, и едно време и добро ми беше, додека не ми се потрошија приказните и пак си ќутевме. Сесиите ги напуштав чувствувајќи се бетер отколку во моментот кога пристигнував на нив.

Се откажав од терапија затоа што ми требаше помош од некој што знаев дека знае што прави, а што е поважно, што знае јас што правам или што треба да правам. Не сакав уште еден терапевт; сакав некој да ми каже што да правам, некој што ќе ме расшутира и ќе ми каже да прекинам со срања. Сакав мотивација и совети од жена чија професија вклучува воспитно плескање на возрасни мажи.

Па најмив домина.”

Покрај вообичаените услуги како фетиш-игри, врзување и телесна казна, некои професионални домини нудат и лајф-коучинг услуги кои се фокусираат на билдање на самодовербата, иако има и такви што помагаат со сешто - од фитнес цели, до љубовен живот, до професионален развој.

„Многу доминантни жени нудат некаква верзија на оваа услуга,” вели една од индустријата, со уметничко има Принцес Маркс, чии услуги вклучуваат традиционална фетиш игра, како и лајф-коучинг. „Мажи, жени и сите измеѓу, ми доаѓаат од две причини - да стекнат нови вештини за садо-мазо игри во и надвор од спалната (или „занданата”) или да си ја подобрат самодовербата во неперверзните аспекти од животот - ‘да научат како животот да им јаде од раце’, како што знам да кажам.”

Принцес Маркс работи со клиенти од цел свет, по телефон, видео чат или лично. „Со клиентот правам план на работа што ги обработува неговите цели и одлучуваме за тајмлајн. Се согласуваме и на ‘награди’ и ‘казни’. Казните немаат врска со физичка болка обично, но може да имаат ако така сака клиентот. Користиме било што што се покажува ефикасно.”

Лајф-коучингот не е лиценцирана професија, што значи дека ваквите „тренери” не подлежат под истите барања, регулации и етички кодови како лиценцираните терапевти.

„Било кој тренер што вреди нешто ќе знае кога проблемите на клиентот не се решаваат со совети и кога треба да го испрати на терапевт,” вели Принцес Маркс. „Мислам дека тоа е круцијално.”

„Пријателка ми ја препорача Мистрес Џастин Крос (или, ако сакате - Господарка Џастин Крос). Откако собрав храброст да ѝ пратам мејл, ме поздрави со гушкање во едно кафуле во западен Лос Анџелес, а изгледаше исто како и онлајн - прекрасна, самоуверена, на високи штикли, само без мини-фустанот од латекс. И спремна беше да ми помогне за 150 долари на час.

Во еден тивок агол разговаравме за моите цели, со по едно ледено кафе. Објаснував дека на мојот ден му фали организација и рутина. Не следев распоред и сите списоци ги чував во глава. Се чувствував заглавено во маѓепсан круг од рокови и прегорување и кога ќе ми се јавеше мајка ми неколку пати во денот ми доаѓаше супер за да престанам да го правам тоа што во моментот го правев. Објаснив дека ми треба нешто што можам да го правам и да видам дека ќе ми даде некаков правец. Знаев дека ова нема да ми ја излечи депресијата, но се надевав дека ќе добијам подобро чувство на контрола и одговорност. Сакав некој да се грижи дали јас се грижам или не.

Прво ми рече, цврсто и директно: „Треба да престанеш да ѝ се јавуваш на мајка ти.” Следно ми нареди да купам месечен планер и да направам детален план на личните и професионалните цели што сакав да ги постигнам пред да заврши годината.

Конечно најдов некој што ќе го прави тоа што секогаш сакав еден мој терапевт да го прави: да ми каже што да правам. Идејата да плаќам прекрасна, самоуверена жена да ми шефува беше возбудлива и застрашувачка и бев спремна да правам како што ќе ми се каже.

Купив планер, што самото по себе беше откритие, и за прв пат во животот правев неделни и месечни листи за сè што сакав да постигнам.

Кога почнав да се организирам открив дека конечно имам време да го прочитам купот книги на наткасната, да медитирам и да го завршам денот горда на работата што сум ја завршила, наместо преморена и разочарана од сè што сум одложила. Следев нечии инструкции, но чувствував дека имам поголема контрола над мојот живот - како повеќе да не се давев.

Не е дека не можам да мислам со своја глава или да работам продуктивно без надзор и инструкции. Но, уживам да ми кажуваат што да правам, што е нешто што отсекогаш ми било срам да го признаам. Обожавам лоши, убави жени и обожавам да ми наредуваат.

За разлика од претходните терапевти, мојот доминантен лајф-коуч не се плаши да не ме повреди - брутално е искрена и нема време за моите изговори. Ништо не ми создава чувство на комплетна видливост како жена што ми кажува да се приберам затоа што верува дека можам да бидам подобра, затоа што одлучила дека, барем засега, сум вредна да потроши дел од нејзиното скапоцено време. Со задоволство ѝ угодувам и плаќам за сè што ќе понуди - и внимание и охрабрување и казна.”

 Софија Барет-Ибарија, Гардијан

8 октомври 2019 - 19:17