Правнуката на Фрида Кало не е задоволна од барбиката

Мател мислеше дека лесно ќе помине со ставање на барбика и Фрида Кало во иста комбинација. Изгледа заборавија дека често фановите на Фрида ич не се фанови на Барби.

Неодамна Мател објави дека ќе прави нова колекција кукли инспирирани од важни жени од историјата, меѓу кои и барбика инспирирана од Фрида Кало. Семејството на Фрида не е баш воодушевено.

Мара де Анда Ромео која ѝ е правнука на Кало тврди дека Мател немале овластување да го искористат нејзиниот лик (Мател тврди дека има дозвола од фондацијата). Ромео се нервира и за изгледот на куклата. За Бибиси изјави, „Ќе ми се допаѓаше куклата да имаше повеќе карактеристики како Фрида, а не да биде кукла со некои светли очи.” На куклата ѝ фали и препознатливата гајтан-веѓа.

Како сега, со политички коректен речник да им објасни Мател дека, без разлика колку е тоа страшно и поразително и во какво општество живееме и незнамтишто - девојчиња нема така лесно да се фатат за кукла со споени веѓи?

Адвокатот на Ромео, Пабло Сангри вели дека ќе зборува околу регулирање на ситуацијата, сакајќи да каже дека ќе се замешаат во изгледот на куклата, карактеристиките и историјата, за да одговара со тоа каква била Фрида навистина.

Што, за волја на вистината, од Мател беа спремни да го направат, со оглед на тоа што наспроти јавното мислење, од самиот почеток на „Барби” сакаат на девојчињата да им покажат дека можат да бидат буквално што ќе посакаат:

„Како бренд кој инспирира неограничен потенцијал кај девојчињата, Барби ќе прави чест на најголемите идоли,” вели Лиза Мекнајт, постар потпретседател и генерален менаџер на Барби. „Девојчињата секогаш можеле да играат со Барбики во различни улоги и кариери и многу сме среќни што ќе прикажеме вистински модели кои можат да ги потсетат дека можат да бидат што ќе посакаат.”

Ама добро, нека види внука ѝ.

12 март 2018 - 10:42