Помалку планирање значи помалку стрес

Може да ви звучи контраинтуитивно, ама еден од најдобрите начини да го намалите стресот пред патување е да не планирате толку и да дозволите малку спонтаност.

На плажа си. Бел песок околу тебе. Дувка и освежува. Нозете ти шлапкаат во тиркизна вода. Го тргаш малото чадорче на страна и пиеш од коктелот. Звукот на брановите те успива и си викаш: вака се живее, не си одам никад.

Или, на плажа си. Барем мислиш дека си на плажа. Секој сантим е покриен со луѓе. По десетти пат во пет минути тресеш песок од коса, што ти го шутнала развикана група адолесценти. После плажата има море со камења и толку силни струи, што е невозможно да пливаш безбедно. Два различни звучници свртени во два различни правци пукаат со музика што не можеш да ја поднесеш, ненормално гласно.

Веројатно ви е јасно какво разочарување следи, откако ќе го планирате патувањето со месеци со очекување за првата плажа, а ќе ја добиете втората. Заглавени две недели на ужасно место, заклучени во соба платена со пари што не се враќаат.

Има уште еден начин.

Букирајте ги првите неколку дена. Јасно е дека за повеќето луѓе, особено тие со семејства такво екстремно отсуство на планирање изгледа невозможно, дури не се ни советува, но сепак - вреди да се размисли помалку планирање, дури и ако тоа значи дека неколку денови ви стојат така, отворени.

Помалку планирање не води кон хаос

„Неколку недели откако ја почнав мојата неколкумесечна авантура, помислив дека ќе биде паметно да го заклучам планот на патување за следниот месец,” го кажува своето искуство Џефри Морисон од Њујорк Тајмс. „Резервирав во неколку хостели, букирав летови, па дури и двонеделна тура во југоисточна Азија. Проблемот беше што, во Мелбурн, што ми беше прва станица, се здружив со едни неверојатни луѓе и ми беше закон. Тие остануваа во Мелбурн, а јас морав да одам. Истото ми се случи и кога бев во Бризбејн. Многу пропуштив. Се заколнав тогаш дека никогаш нема да резервирам однапред.

Последниве пет години планирање однапред за само неколку дена ми донесе неверојатни можности. Во Шербур, Франција останав повеќе денови во еден брилијантен стан. Патував со кола низ Англија со пријатели, запознавав нови луѓе и се дружев со нив. Исто беше корисно што можев да заминам од места што не ми се допаднаа, а мислев дека ќе ми се допаднат.”

Ви треба флексибилност

За изненадување, ваквиот метод ретко води кон проблеми, иако повремено бара флексибилност. Можеби хостелот е пребукиран, можеби најдобриот лет е прескап или нема место на траектот. Но, ако не сте замислиле точно кој хотел или лет го сакате, ќе најдете опции што се многу блиску до вашиот прв избор.

Во секој случај вреди да се проба. Сигурно не сакате да имате однапред платено за 15 дена во грдичок хотел со уште погрда плажа, за да сфатите дека од другата страна на островот има за иста цена совршен, со плажа како онаа првата опишана погоре.

11 јуни 2019 - 16:08