Полека: Можете да родите и после 35

Некаде откако ќе наполни жената околу 5 години, почнуваме да ја спремаме дека еден ден ќе биде мајка. Звучи језиво, ама некаде до дваесет и кусур, немажена, бездетна жена почнува да ја фаќа паника дека ѝ се троши времето за репродукција, па се фрла на проект „маж и дете“, полн со притисок, предрасуди и слабо основани научни докази, за на крај да биде - нека ти е живо и здраво, ама да знаеш дека ова можеше и 10 години покасно.

Јутјуб-серијата Adam Ruins Everything (Адам сè уништува) во секоја епизода поткопува теории и „општи култури“ што човештвото многу сака да ги топори во сите важни дискусии. Еднаш ќе ти ја уништи идеологијата за свадби (тоа е една обична индустрија), еднаш ќе те направи глуп дека се храниш со нискокалорична храна,  а на крај ќе ти каже дека Airbnb е најверојатно нелегално.

Но овој пат, за лудилото околу биолошкиот часовник на жената, и колку светот не е фер по тоа прашање.

Прво, запрепастувачки е на која демографија се базираат доказите дека е потешко да забремениш после 35.

Второ, запрепастувачки мала е разликата во процентите меѓу пожелната и непожелната возраст.

Трето, има книга за ова. Можете да ја прочитате за да се смирите, а можете и да ја користите за гаѓање на првиот човек што ќе ве праша „а кога ќе раѓаш?“. Додека да ја купите, гаѓајте со што стигнете.

20 јули 2017 - 13:52