Па, само што се избоцкавме

Кајли Џенер пак може да влијае на економија. Само вие смејте се. После целосното изобличување од таа религиозна посветеност на естетски корекции, што со силикони, што со филери, Џенер роди и одлучи да ги вади филерите. Па да видиме како тоа ќе се одрази на козметичката економија.

Викендов Џенер рече „извадив сè”, мислејќи на филерите во усните што ѝ помогнаа да направи толкава империја за шминка.

Промената е прилично шокантна, особено за нејзините фанови, од кои огромен дел се избоцкаа само што се објави нејзиното признание дека устата сепак не се должи на „умешност за исцртување со молив”. Во секој случај, експертите се согласни дека до ова не дошло преку ноќ.

„Разложување на филерот значи вбризгување на производ што се вика hyaluronidase. Потребни се две до три недели за комплетно да се разложи,” објаснува Даглас Сендероф, пластичен хирург од Park Avenue Aesthetic Surgery. Кажува и дека производот за разложување доаѓа од група ензими кои разложуваат хијалуронска киселина, од која се направени повеќето филери. Може да се појави мал оток на местото каде што се става, но го снемува после неколку дена.

Е сега, дали новиот изглед на Кајли Џенер ќе влијае на младите фанови од кои некои побрзаа да се направат решето и ко оса да ги боцнала, а некои стварно успешно си ја подобрија сликата во огледало?

Прво имаше проблем околу „Кајли-предизвикот” кога масовно се продаваа и се шмукаа едни пластики налик на чашки за ракија, па шмукачите помодруваа и си правеа проблеми. После тоа масовно се распродаваа кармините и комплетите за усни од нејзиниот бренд, кога милиони девојчиња, во надеж дека ќе изгледаат како неа, даваа тешки пари. И на крај, кога призна дека има филери, се наполнија чекалните на клиники за боцкање ширум светот.

Значи, сега е можно оваа одлука да влијае фановите да си ги прифатат природните усни - но благодарение на социјалните мрежи, можно е ова предомислување да доаѓа премногу доцна.

„Трендовите што ги пуштат славните за пластична хирургија се многу моќни. Сепак, забележав дека после нивниот залет, тешко е да се тргне назад, дури и ако самите славни личности се предомислиле,” објаснува Рајт. А. Џонс, пластичен хирург и основач на Muse Plastic Surgery. „Предвидувам дека филерите ќе продолжат со својата популарност и понатаму. Идеите во главите на миленијалците не се менуваат толку брзо колку што информацијата патува низ социјалните мрежи и остатокот од интернетот.”

И ако сме реални... Нема шанси она да оди толку многу назад:

10 јули 2018 - 15:05