Немој да ме браниш, жити сè!

Ви текнува на едни Оскари, кога Шон Пен го заебаваше Алфонсо Куарон дека е нешто имигрант (а се дружат приватно) и пред Куарон да стигне да каже дека тоа им е интерна шала, светот збесна бранејќи го? Е па, никако да помине таа мода.

Ако е воопшто возможно, ќе ја ставиме на пауза масовната хистерија околу сексуалните злоупотреби во Холивуд, и ќе се свртиме кон борците за социјална правда, поткатегорија: раса. Има една скупштина од луѓе, најчесто белци, кои шетаат по разни социјални мрежи и врескаат „расизам, расизам!” на некои објави, без разлика дали нивниот коментар е издржан или не.

Таков е случајот со едно девојче од Јута, кое некои свои 11-12 годинки ги прославува со тематска журка. И затоа што е фасцинирана од Јапонија, со помош на мајка и организира јапонска журка, па нашминкана е како гејша, па сите финти на роденденот се на таа тема.

Ова стига до Тамблр.

Одма се појавува една што е „бескрајно паметна” на оваа тема да ја кара мајката дека треба да ја научи дека „тоа не е океј” и дека „не разбира како некој може да мисли дека ова не е културолошко присвојување, освен ако девојчето на сликата не е Јапонче.”

Се убацува една, со арно, и вика „културолошко присвојување не постои, мила. Културите треба да се споделуваат по секоја цена.”

И еве ја пак, паметната, загрижена за Јапонија и јапонската култура со ист жар и излишност како светот за Алфонсо Куарон:

„Не се согласувам. Шминката е очигледно традиционална шминка за гејши, што значи е јелоуфејс, што значи расистичка е. Понатаму, девојчето носи кимоно, парче облека кое со векови носи културно значење. Претпоставувајќи дека е бела, како можеш да мислиш дека е ова во ред? И дека културолошкото присвојување не постои? Под кој камен живееш? Ти предлагам да се едуцираш малку околу разликите меѓу ценење и присвојување на една култура.”

И овде настапува репликата над сите реплики на темава евер:

„Јас сум Јапонка. Во Јапонија сум во моментов. Единствените луѓе што мислат дека културата не треба да се споделува се расисти како тебе.

Едно огромно мнозинство Јапонци всушност се воодушевува што другите луѓе прават напори да ја рашират и да уживаат во јапонската култура и го поддржуваат тоа. Многу заработуваат од сликање луѓе во кимоно. Како омиаге (подарок) за странци од Јапонци се даваат традиционални јапонски ствари како кимона, чаеви, статуи од шиса куче итн.

И на крај, околу 80 проценти од јапонските обичаи, традиции и храна доаѓаат од други земји. Јапонската култура е составена од повеќе култури, како во Америка. Јапонија има влијание од Кореја, Кина, Русија и Европа. Ако Јапонија се држи само до своето, не би имало темпура, јапонски чај, церемонии со чај, кабуки, јапонски леб, јапонско кари, јапонски поп, аниме, коли или модерни техники за риболов. Сликата не е јелоуфејс, они не се исмеваат со Азијати. Всушност, делува како баш да се потрудиле да истражат.

Единствената причина поради која имаш проблем со ова е затоа што девојчево е бело, а ти знаеш дека на Тамблр е прифатливо да сереш за белци. Единствениот расист тука си ти.”

Сè уште нема одговор на ова.

(Види и: Да не ги мислите Американците, си најдоа нова култура за бранење)

9 ноември 2017 - 12:12