На што сè мораат да внимаваат жените кога се излезени?

Човек би помислил дека на крај на 2017-та година, светот, а и државава не би морале да се борат со насилството врз жените, ама еве сме, во сред борба, (замислете сè уште!) недоволно освестени. Оваа глупа човечка нарав ќе трае се додека постои и последниот сељак што мисли дека е супериорен само затоа што е маж и секоја жена што изјавува дека „шамарот не бил до толку страшен.”

Па, за потсетување, како општеството систематски, наместо да ги искоренува проблемите, налага превенција и санирање, како да мора да бидат неизбежни.

На што се мора да обрнуваат жените внимание кога се излезени, а мажите не ни помислуваат?

1. Да не шеташ по неосветлени улици.

2. Според тоа, да одиш по подолгиот пат до дома, затоа што е покрај булевар и има луѓе.

3. Да внимаваш да не дозволиш контакт со очи со некој што упорно те зјапа од карши, затоа што ќе ти се натне.

4. Да преминеш улица касно навечер, затоа што од карши се ближи развикана група мажи.

5. Да преминеш улица затоа што некој се движи многу блиску позади тебе.

6. Да загледуваш број на такси и регистрација во случај да треба да го пријавиш.

7. Будно да следиш кај вози и да те фаќа паника ако врти од кај што не треба.

8. Да размислуваш за поскромна облека во одредени ситуации затоа што не сакаш да те сфатат погрешно.

9. Да се преправаш дека збориш на телефон кога си на улица, ако некој се движи во твоја близина.

10. Да кажеш „имам дечко”, затоа што поинаку не се разбира соговорникот, па ни тогаш („Ако де, не сум љубоморен.”)

11. Движење со клучевите во рака, во случај да треба со нив да се браниш од напад.

На пример, сликава може да претставува една уличка со дуќани што работат до касно, и некој човек што си оди дома. Ако си жена што сама се враќа низ уличкава, сликава буди многу понесимпатични емоции.

12. Да испаничиш ако некој ти се обраќа касно после излегување, а те прашува само колку е саат.

13. Да избегнеш да одговориш колку е саат, во паника дека тоа е само начин да подзастанеш и да те замуабети.

14. Да се симнеш од автобус затоа што некој внатре ти прави незгодно.

15. Да имаш обврска да пријавиш дека си стигнала дома безбедно.

16. Да не ти ни паѓа на памет да се враќаш сама, без некој да те испрати, ако носиш нешто кратко.

17. Дополни.

Не дека ние живееме во Бејрут и дека е ова некоја нова траума, јачање и параноја. Ова се регуларни ствари што се станати дел од секојдневие и често жените не ги ни забележуваат. Траумата на некој што чекори позади тебе и којзнае дали имал некаква намера завршува во моментот кога ќе се прибереш и ќе се заклучиш, до наредниот пат кога ќе мораш во истата темна уличка сама. А да не забораваме и колку мажи сведочат за вообичаено пешачење по празна улица, а рандом девојка пред нив почнува да го забрзува чекорот затоа што не му ги знае намерите, без разлика што него намерите му се да оди дома да си легне.

Така што, насилството врз жените не е само шамари, притисок и малтретирање. Го има и во тие поситните слоеви, што налагаат да размислуваш да си набавиш ладно оружје за истата неосветлена улица по која што некој од спротивниот пол, без никаква емоција - едноставно, иде до трафика по цигари.

4 декември 2017 - 15:11