Мора ли Фотошоп?

Не е ова реторичко прашање со негодување. Борците за социјална правда ќе речат „Никако, доста нè лажевте”, уредниците на големите модни списанија ќе речат „само дебели беснеат против фотошопирани манекенки”, а всушност дилемата е, до каде би требало да се оди?

Тешко може категорија мода и убавина да се подели по оној критериум по кој филмовите се делат на  „холивудски” и „европски”. Се прават обиди да се доближи тој свет до обичниот човек, се ангажираат модели што изгледаат обично, дури и страшно, а последниве години хаштагот #bodypositivity го има на сите страни. 

Ешли Греам е супер и си ја сакаме. Поборник е за женски права, ги охрабрува нејзините фанови да се чувствуваат удобно во своето тело, држи мотивациони говори и на многу девојчиња им е инспирација.

Дали сме ја виделе со целулит на слика, на насловна, на фотосесии? Не.

Дали сакаме да ја видиме така? Не.

Најверојатно не сака ни она.

Всушност, единствените случаи каде што гледаме сало и целулит, без разлика дали е на слаби, згодни или дебели јавни личности е по таблоиди, во статии каде што целта е да се направи драма околу тоа.

Што нè доведува до прашањето, зошто сите (инаку прекрасни) Ешли Греам-девојки не инсистираат нивните насловни да бидат скроз ослободени од Фотошоп?

Затоа што, да го одговориме прашањето од насловот, сепак треба малце.

За да го актуелизираат ова прашање, два plus-size Инстаграм модели чија што величина е масовно обожавана од илјадници следачи, се договориле со еден фотограф да се сликаат и за да „покажат колку менувањето на фотографиите може да биде штетно за женската психа”, после да ја дотераат сликата на Фотошоп.

Кали Торп и Дајана Сирокаи и двете ја ставаат сликата на Инстаграм заедно со оригиналот и ги охрабруваат следачите да гледаат малку подалку од нешто средено со алатка во програм.

„Целта на ова беше да покажеме како списанијата и медиумите претеруваат со измени во фотографиите,” пишува Сирокаи на Инстаграм. „Манекенките и славните личности не ни личат на себе. Живееме во лажен свет и време е да ја вратиме реалноста назад. Сакајте се себеси и уживајте.”

Уште никој не кажал дека со таа толку посакувана „реалност” може да се оди уште подалеку. Затоа што, реално, ние не сме секогаш нашминкани и фенирани. Не сме секогаш во студио, со добро светло и со професионален фотограф. Како би се продавале и кликале магазини, ако се исполнети со манекенки со мрсни коси, тренерки, маици што не им се баш точни, на лошо жолто светло што им ги истакнува сите недостатоци - односно - нешто што личи на селфи од по дома, во кујна, какво што најверојатно сите имаме во телефон?

Веројатно ќе се согласиме дека да, да се биде реален е супер, ама селективната реалност на сите ни одговара. Баш селективна реалност е тоа што и самите го споделуваме на сопствените профили на социјални мрежи.

Затоа, ако заговарате врвна медиумска искреност, следниот пат кога ќе ви дојде да се пожалите дека нешто врие од Фотошоп, прашајте се - кога последен пат сте објавиле слика од сопственото несовршенство?

12 април 2018 - 13:39