Зарем е толку привлечно да бидеш жртва?

Моника Левински: Што не кажавте порано

Моника Левински се предомисли, па сега од цврстото тврдење дека се согласила на аферата со Бил Клинтон, „нешто размислува” да не можеби, случајно - била жртва. Не дека е забрането да се навратиш на нешто и да го погледнеш од поинаква перспектива. Проблемот е што ни самата Левински не е баш сигурна. Битно #MeToo ја пречека со „где си куќо стара”.

После Харви Вајнстин (и купот други скандали), Моника Левински повеќе не е сама - по 20 години игнорирање, со раширени раце ја пречека заедницата на жени малтретирани од нивните помоќни претпоставени. После години осаменост, според нејзината изјава за Венити Фер, Моника од изолација ја спасува движењето #MeToo, за кое пишува, дека буквално секој може да сподели приказна и да биде добредојден во племето.

И не сфаќа колку е таа изјава проблематична.

Но добро, по ред.

Иако сеќавањето избледува, медиумите памтат: консензуалната врска со Бил Клинтон за која Моника Левински со години зборуваше, воопшто не беше #MeToo приказна. „Тоа беше консензуална врска… Секогаш ќе стојам зад ова тврдење,” гласеше нејзината изјава.

Во новиот свет каде што кариера се уништува само со обвинување во влијателен медиум, не и со судска пресуда, Левински како да се сопнува на ова тврдење зад кое рече дека „цврсто ќе стои”, па почнува да размислува за „диференцијалата на моќ” меѓу еден претседател и еден стажант (дури и стажант кој му се додворува на претседателот). Почнува и да ѝ текнува дека пред 20 години можеби и не била способна „да се согласи” на сексуалната афера.

Стоп.

Јасно е дека си има причина што зрелоста официјално пред закон почнува на 18. Претходно си глуп, глуп си и неколку години после тоа, ама сепак, веќе се смета дека си доволно возрасен да донесеш одговори одлуки. Односно, ако одлуките ти се глупи, како возрасен човек мораш сам да си сносиш одговорност.

Моника Левински за време на скандалот има 22.

Тоа што Левински си дозволува реинтерпретација на аферата е ненамерно откривање на негативната страна на #MeToo, покажувајќи колку лесно може културата да влијае на нашите искуства и нивното емотивно влијание врз нас. Траумата од малтретирање за која многу жени сведочат сега изгледа културолошки одредена - без никаков сомнеж за сведоштвата - туку со загриженост за таа нова култура која ги охрабрува жените да очекуваат едно фаќање за колено да остави трајни емотивни лузни.

Левински не доби многу поддршка од феминистите кои беа фокусирани да го поддржат Клинтон и неговата политика, што не беше ни политички прагматизам. Беше залагање за женската сексуална автономија, токму каква што сподели тогаш самата таа.

„Не сме против сексот, туку сме против тоа сексот да се користи како понижување, под принуда,” објаснуваше тогаш Глорија Стајнем, а Левински тврдеше дека не била принудена: „Ако кажеме дека личност на возраст од 21-24 нема сексуална волја, одиме против целата борба за одлучување за самите себе и преземање одговорност за нашите животи.”

Сепак изгледа и Стајнем се предомислува, особено на тема женска сексуална волја и способност да се каже не. Денес таа промовира закони за афирмативна согласност, каде што секој партнер во сексуален однос треба да побара и да добие експлицитна согласност за секој допир.

Не сме само до крај сигурни дали така засекогаш, значи и после 2-3 години врска, или само дури да се запознаат подобро? Како е регулирано? Кои се правни лекови? Колку милиони дупки во законот се можни?

И не само што Стајнем, на големо разочарување на разумните, се бори за ова - таа смета и дека сите што се против се непријатели на еднаквоста.

Левински очигледно сè уште не може да се одлучи околу нејзината ситуација. „Во 1998-ма,” се сеќава таа, „живеевме во време кога женската сексуалност беше маркер за моќ - да си свесна дека имаш сексуална желба… многу е можно моето мислење да не се променеше, ако не беше #MeToo движењето; не само поради новата перспектива, туку и поради новите патеки на безбедност кои ги понуди, а кои доаѓаат од солидарноста.”

Баш тие „многу” патеки се проблемот. Се разбира, во меѓучовечките односи не е лесно да одредиш точно за што се работи - има толку слоеви и фактори. Сепак, ваквите случаи отвораат можност луѓето да си ги видат врските од пред 20 години што биле во ред, али не им останале во пријатни спомени да ги гледаат низ призма на #MeToo. И одеднаш да им текне дека може да се работи за однос жртва-предатор, а предаторот всушност - само бил малце сељак.

Тогаш, кај ќе ни биде крајот?

9 март 2018 - 15:41