Многу работа не е на арно

Прво дознавме дека одмор од 8 дена не е одмор, а сега дознаваме и дека претерување со работа не е добро за здравје. Конечно се прават вистинските истражувања!

Повеќето луѓе - поточно, повеќето луѓе во капиталистички општества, живеат со претпоставката дека напорно работење е еднакво на добро работење, не само во поглед на напредување во кариерата, туку и за понатамошни задоволства во животот: повеќе работа носи побрзи унапредувања, што значи повеќе пари, што значи повеќе задоволства.

Сепак, едно ново истражување тврди, парафразирано, дека ова е многу глуп заклучок.

Зошто?

Затоа што се открива спротивното: Постојано напорно работење, не само што е лошо за вас, туку и за вашата кариера. Со податоци собрани од над 50.000 испитаници од 36 европски земји (и сите познати индустрии), истражувачите анализирале ефекти на прекувремно работење и „интензитет на работа”, односно релативната количина на труд вложен во работните задачи, мерејќи стрес, умор и задоволство на работа, како и исходи поврзани со кариерата - сигурност на работното место, препознавање на квалитети и кариерни опции, контролирајќи фактори кои можат да влијаат на резултатите, како класата на работното место и колку слобода има вработениот да си го организира распоредот.

Резултатите налагаат дека негативните ефекти од пренапорно работење (како стрес, умор и истоштеност) се многу потешки од што и да може да се добие со прикажување на нечија посветеност на компанијата преку тој екстра напор.

Се разбира, работодавачите ги ценат вработените кои добро си ја вршат работата и се појавуваат на работа, а многу од нив и ги тераат вработените да работат премногу.

А не треба. Еве научно е докажано, ама добро, едно е да знаеш дека не мораш да претеруваш со работа, а друго е да го убедуваш шефот дека она што е добро за тебе е добро и за него/неа. Ако ништо друго, истражувањево бар охрабрува да земе човек водух на работа, барем повремено.

8 август 2018 - 12:59