Мишел Фан изгледа ќе се враќа

Сите мислеа дека Мишел Фан умрела. После 10 години, 385 видеа и над милијарда прегледи, најголемата бјути ѕвезда на Јутјуб ненадејно исчезна во 2015-та, оставајќи ги каналот на Јутјуб, Твитерот и Инстаграмот во тишина. Може да се каже дека Фан практично го измисли жанрот на Јутјуб туторијали, што значи, ако некогаш сте заспале со смирувачките звуци на фин туторијал или сте научиле да контурирате со шминка - заради нејзе било. И одеднаш - ја нема.

Деветте милиони следачи жалеа како умирање. Вриеше од коментари од типот „те гледам од 14 години и ми недостасуваш”, или „Како да ми беше најдобра другарка и сега немам поим каде се наоѓаш.” Уште позагрижувачки беше што Фан исчезна и во приватниот живот - ни колегите во нејзините две компании Ипси и Ем Козметикс не знаеја каде е. Во 2017-та објави видео со наслов „Зошто напуштив”, уверувајќи ги фановите дека ужива офлајн, но делуваше како да ѝ завршила инфлуенсерската кариера.

За дигитално почината, Фан изгледа многу сјајно во живо. Ова го кажува новинарка на The Cut, која седи со нејзе во конференциска соба во нејзината ПР агенција. Шминката ѝ е исклучително минимална - нема пудра (не носела две години), две тенки линии молив за очи, што е чудно затоа што буквално се има трансформирано во Денерис Таргеријан со шминка, и за разлика од многу Јутјубери што се драматични во нивните видеа, гласот на Фан е зен и одмерен. Ѝ објаснува дека после две години размислување и полнење батерии, почувствувала дека е време повторно да создава и да споделува. Сепак, нема интерес да се врати комплетно на стариот начин на живот. „Многу пропуштав,” вели. Патувала многу, а на половина од патувањата не се сеќава. Изгорела. Била уморна. Посигнала сè што посакала, дури и повеќе од тоа. „Но не дојдов на Јутјуб за да бидам ѕвезда. Верував дека сум најјака, а бев само уште една капка во кофата на ова постоење.”

Дел од достигнувањата се - пари. Во 2018-та, Ипси, сервис со претплата за производи за убавина беше проценет на 500 милиони долари, а нејзиниот канал во најдобрите месеци заработуваше по 60.000 долари.

На многу начини, Фан беше прва што заработи како инфлуенсер - економија која се проценува дека ќе достигне 10 милијарди долари до 2020-та. Кога новинарката ќе ја нарече „првиот инфлуенсер на светот”, не ја поправа.

Емили Ханд, истражувач на Универзитетот Пенсилванија вели дека е „Прва што постави основа за оваа професија и кариера.” Веројатно цела една генерација не би имала професија да не е Фан. Џејмс Чарлс не би ни постоел. Во 2015-та, зборот инфлуенсер се појавил 55.000 пати во пребарувања на Линкедин. Сега го има над 255.000 пати. „Бев во најјакото. И тогаш треба да си одиш,” вели Фан за дигиталниот простор на инфлуенсери. Во нејзино време, како што се сеќава, бјути-влогерите повеќе беа креатори околку инфлуенсери.

„Знам пред осум години, пред Лореал да го купи Никс, го направија џамбо моливот и го нарекоа Милк. Некој имаше хак дека ако го стопиш со фен, ќе стане прајмер. Многу беше јако! Такви работи веќе нема, затоа што на сите им праќаат ПР-пакети. Не дека е тоа лошо. Помрзливо е, но на еден начин, тој журналистички, демократски пристап сега го нема.”

Уште ја интересира убавина и инсистира дека сака естетски да старее, но во последниве неколку години се бави со други бизниси, вклучувајќи и криптовалути. Се појавува на подкасти за Биткоин и верува дека секој човек со свој бизнис треба да инвестира таму. „Веројатно е тоа најважната инвестиција што можете да ја направите во животот,” вели сериозно и без грам хиперболизирање.

Иако не планира да продолжи со влогерската кариера, сè уште има желба да споделува. Кога била мала, сонувала дека ќе го спаси светот. Кога била влогерка, сонувала дека ќе заработува доволно за мајка и да може да се пензионира (и успеале). Сега кажува дека, „сфаќам дека не можам да го спасам светот. Но можам да се спасам себеси и кога ќе им покажам на луѓето како сум се спасила и како сум успеала, тоа и нив може да ги спаси.” Ова е оптимистичен поглед на влијаењето: да им помогнеш на другите со тоа што ќе објавуваш за себе.

На прашањето како се спасила, и како тоа изгледа, вели: „Финтата е да им даваш совети на луѓето. Сите го прават месечевиот чај што го покажав на Инстаграм. Луѓето реагираат со „никогаш не сум сакал Ерл Греј, но ти ми го промени животот! Чајот теши!” А мене ми е едноставно омилен чај, но во тоа е убавината на интернетот. Можеш да споделуваш работи, па тие некому да му го променат животот. Тоа ми недостасува.”

4 октомври 2019 - 00:00