MasterClass не е превара, ама не значи дека се исплати

Веројатно до сега на Фејсбук и Инстаграм ви се појавил спонзориран пост за MasterClass – професионалци држат предавање за својата област, ама не такви што мора да ги гуглаш, туку Стив Мартин предава комедија, Ени Либовиц фотографија, Рон Хауард режија и слично. И без разлика што звучи too good to be true, сепак не е измама, напротив. Ако платиш 90 долари, добиваш неколку саати монолог од омилената славна личност, а дали ќе ти биде доволно тоа... Ќе видиме.

На пример, курсот на Гордон Рамзи е составен од 20 клипови, сите пократки од 10 минути. Рамзи стои во совршена, добро осветлена кујна и објаснува колку е важно да не ја препржиш кајганата. На камерата ѝ кажува дека таа техника била прво нешто што го научил во Париз, и дека ќе нè научи како да го постигнеме тоа. И ова да ти било трик само за инсајдери.

Тоа „само за инсајдери” им е многу голема гордост на MasterClass, само што, сите можат да станат инсајдери за еднократна уплата од 90 долари. За таа сума, Серена Вилијамс ќе ви кажува финти за тенис, а Вернер Херцог ќе ве научи како да најдете филмска локација, на пример.

Еден од основачите, Дејвид Рожиер има кажано дека идејата за компанијата не е само да стекнат слава затоа што се одобрени од влијателни фаци. „Сакав луѓето да можат да учат од апсолутно најдобрите, а мислам дека тоа претходно не било понудено,” вели тој. „Филтерот се всушност луѓето кои би сакале да нè учат и 100 години од сега.”

Додава и дека меѓу учениците на MasterClass има и добитници на Оскар и аматери. Во коментарите под видеата, луѓето можат да дискутираат меѓу себе, што не е толку како во училница, колку што потсеќа на било која секција со коментари на социјални мрежи – сосе луѓето што во празно си дофрлаат меѓу себе. Без разлика од каде се, и каква историја имаат, проблемот е што сите ученици ги добиваат истите саати од предавањето, бидејќи, како и повеќето стартапи, MasterClass гледа да го зголеми досегот, наместо да обезбеди персонализација. Ова често ги разочарува луѓето кои доаѓаат да добијат нешто уникатно, ама во ваквите случаи секогаш постои враќање на парите во рок од 30 дена.

Од друга страна, еден Кларк Кофи, независен филмаџија и актер кој го платил курсот на Вернер Херцог, вели дека искуството не е толку за како се прави филм, туку повеќе – зошто да правиш филм. „Ако го гледате предавањето, нема да научите многу за техничките аспекти за правење на еден филм,” изјавува Кофи за The Verge. „Но мислам дека има многу да се научи од видеата за нешто многу поважно: филозофијата на правење филм, на занаетот, уметноста и, ако смеам, животот. Видеата се уникатно инспирирачки и мотивирачки – барем за фан на Херцог како мене.”

Туторијалите на Херцог имаат наслови како „Финансирање на први филмови”, „Вештини на преговарање” и ”Работа со актери на снимање”. Зборува и за ритуалите пред снимање и како да го надминете „бескрајниот синџир на баналности” во кој што снимањето некогаш може да се претвори. „Не предавам,” изјавува Херцог за The Verge. „Само го пренесувам тоа што го научив низ пракса во животот.”

Сепак, Кофи сведочи дека најзначајното ограничување е дека не си во истата просторија со инструкторот и другите студенти и не можеш да поставуваш прашања и да имаш двонасочен разговор.

Инструкторите знаат и да се вклучат организирано некогаш и да одговараат на прашања, а немаат време да бидат нонстоп достапни, само што – тоа е и очекувано кога инструкторот ти е ултра популарен, а курсот кај него е ситни 90 долари.

Се прашувам дали и овој курс е уште достапен...

Има и уште една карактеристика на MasterClass поради која што е лесно да го продадеш, како што кажува Рожиер и малку е мрачна. При разговор за тоа како би било да се има Принц за инструктор по гитара, Рожиер ја спомнува смртта на Принц како смрт на неговиот занает. Не на свирењето како такво, туку на начинот на кој Принц свиреше гитара.

Со ова MasterClass станува похрабар и за нијанса помрачен стартап, ако се размисли како педантно ја документира уметноста на најголемите светски ѕвезди – како што и самите ѕведи опишуваат – за да служи како дигитална временска капсула откако ќе ги нема. Во тој случај, MasterClass има уште луѓе за собирање, но останува дека егото и стравот од смртта секогаш ќе бидат лесна алатка за убедување.

11 јануари 2018 - 14:01