Малку историја зад 10 впечатливи фустани од „Сексот и градот”

И покрај сите социо-политички анализи на серијата, што во нејзино време, што од денешна перспектива, никој не може да одрече дека модните решенија се вонсериски.

Дали луѓето стварно се шетаат така низ град? Па, кај нас тешко, во свет, најверојатно не толку често колку што сака серијата да прикаже. Ама продуцентите (меѓу кои и СЏП) и костимографката успеале да чувството за мода да го вткаат во нивниот главен лик, на начин на кој остава белег како ретко кога. Предизвик: да наброиме барем уште 3 серии или филмови каде што модата е како посебен лик што си бара сценарио.

Хинт: тешко.

Како и да е, во клипов, Сара Џесика Паркер зборува за 10 од милионте впечатливи комбинации, како настанале и како ги решиле. Дали се најдобрите во цела серија? Којзнае, колку што има жени, толку има и омилени комбинации. Ама на овие сигурно ќе ви текне.

Да, ги има и гаќите со плавиот мантил, и фустанот со принт од весници на Галијано што едвај успеале да го најдат и за во филмот и привезок на ланче „Алаху Акбар”. Чисто ако ве занима колку некои работи денес би поминале поинаку, но сепак ни е драго што се овековечени на телевизија.

Не, ја нема бундата со пижами, за жал.

 

12 јуни 2019 - 09:27