Кога жена ти ќе стане анти-ваксер

Исповед на човек што се држи за глава.

Пред две години, на некоја забава во Њујорк, мало женче, очигледно Јапонка, и приоѓа на жената на еден лик што The Cut го држи во анонимност. Ѝ се обраќа со „Си била загрижена за своето здравје,” што е супер претпоставка кога ќе му пријдеш на возрасен човек, а сакаш да го убедиш дека имаш телепатски способности. Жената наводно била позната заради својата видовитост во Јапонија. „Без гајле,” продолжила, „Пиј чаша вода со капка лимон секое утро и ќе живееш долго.”

Ова е всушност супер совет, без разлика на исходот. А типот открива дека мрчење околу неговата не богзнае каква корист (и веќе нова утринска навика на жена му), води кон не баш забавни вечери, поредок секс, и помалку пријатен живот.

Меѓу непријатните детали од нивниот живот - неговата сопруга, Хелен, има лупус. Тоа е автоимуна болест што се манифестира со воспаленија и болки во зглобовите, па често му се случувало да се разбуди и да ја начека како плаче со отечени прсти и болни зглобови.

Во еден момент решава дека ѝ е преку глава од западњачка медицина и почнува да чита блогови и да нарачува книги кои се или самообјавени, или излегуваат од некакви мали печатници во некаков си Вермонт. Почнува да се лечи со природни лекови и некое време подоцна - тестовите покажуваат дека нема никакви траги од болеста.

Нормално, пресреќни се.

Помислил да каже „Ова и не е некој доказ дека тие мачканиците ти функционираат.” Ама истовремено помислил и „каков сељак треба да сум за тоа да ѝ го кажам?”

„Неодамна, на лимонот по дома му се придружи целер. Хелен ја прочита книгата на Ентони Вилијам, 'Медицински медиум', во која тој зборува за разно-разни чуда што можат да ви се случат ако пиете сок од целер. Инаку е меѓу најпродаваните автори на Њујорк Тајмс иако нема никакво медицинско образование или обука, но сепак тврди дека на четиригодишна возраст погледнал преку маса и објавил дека баба му (која немала симптоми) има рак на плуќа во четврти стадиум, дијагноза што и доктори подоцна ја потврдиле. Ова е фрапантна изјава, и истовремено скроз непроверлива. Лимоните и целерот веројатно беа најевтините ритуали, иако не бев запознаен со сè што Хелен внесуваше во себе. Знам дека ми е попаметно да ја пуштам неа да се бави со финансии, затоа што не сакам да знам колку сето тоа чини.”

Доаѓаат и се менуваат разни режими. Две години траат на пример, ритуали за детоксификација на телото кои се прават секој ден. Пиела течност што личела на милкшејк од кафе, што ја чувала во фрижидер во тегли, а ѝ ја праќал некој блогер за здравје од Колорадо. Такви работи. Просто е неверојатно колку лесно се наоѓаат таквите луѓе меѓу себе.

И сето ова се трпело додека, како што ќе рече Анонимниот, „Хелен не ја покани Џени Мекарти во нашиот брак.”

Следи соочување.

„Неодамна ми прати во порака еден текст за вакцини од некојси Џ.Б. Хендли, основачот на Generation Rescue, каде што Мекарти е претседател на управен одбор. Во научните кругови, ликот го сметаат за виц и напаст, еден од водечките гласови на анти-ваксерското движење, група која ми е исто говно со заговарачите на теории за рамна земја и луѓе што не признаваат дека постојат климатски промени. И неколку пати ме праша дали сум го прочитал, а јас менував тема. Ако никогаш не го прочитам и не го дискутираме, не би морал да мислам на фактот дека можно е да спијам со анти-ваксер. Што би помислиле во друштво? После многу испиени текили една вечер, Хелен се налути. ‘Мислиш дека си женет со идиот? Тоа ли мислиш?’ Не одговорив. Само мислев на тоа како да не завршам во оние депресивно уредени станови за разведени мажи. Објективно гледано, Хелен е попаметна; нејзиниот просек и факултети го докажуваат тоа. Ама на ова поле? Да, конечно си признав, помислив дека изгубила осет, дека е човек што ќе прочита неколку статии на некоја тема па решава дека повеќе знае од научници.

И тогаш, ми постави две прашања: Ако вакцините се толку безбедни, зошто Одделот за здравје има платено 4 милијарди долари оштета за судски процеси врзани со повреди од вакцини од ’88-ма наваму? А, второто, ако науката е толку сигурна околу тоа што вакцините не предизвикуваат, какви одговори имаат околу порастот на случаи со аутизам и автоимуни болести како Лупус?

И си преќутев. Тука сфаќам дека знам многу малку, односно, знам кои идеи Тајмс ми кажува дека се глупи, а кои паметни. Во моментов размислувам да најдам некој згоден епидемиолог да ни се придружи во спална. Не се замарам толку ни кој пол ќе биде, само сум обичен дечко што бара малку поддршка. Па откако ќе нè информира научно, којзнае што друго може да се случи.”

А ние мислевме дека анти-ваксерите одат во пар.

12 април 2019 - 00:00