Какви бевме во 2000-ти

The Milk Club на Јутјуб, решава да ги почасти своите следачи со еден моден времеплов и да ги врати во 2000-ти, сосе сите детали.

Ич не те штеди времепловот, патем - почнува со розев Motorola Razr (каков што имаше Парис Хилтон додека уште некој ја есапеше за жива) и те препотува додека да го напише насловот - во порака!

Патем, модава не е толку далечна. Добро, поминати се 15-20 години, ама уште памтиме, особено ствари што беа тотално, ужасно непрактични како фармерки со драматично низок струк, чии ѕвонести ногавици мораа да бришат улици, калови, вирови, истурени пијачки во диско, школски тоалети и сл. и колку подолги беа, толку поарно беше.

Кај кондурите имаше категории - поголемите имаа штикли со долг шпиц, еден од погрдите шпицови што се појавиле на пазарот. Помалите носеа штули. И немаа никаков проблем.

Белешка од уредничката на Off Café:

Втората комбинација во видеото, црвената маичка, вреќастите панталони, патиките и марамата на глава е толку језиво ЈАС ВО СРЕДНО, што просто се извадив од памет дека некој ми гледал по стари албуми. Единствена разлика е што наместо ниски патики, јас носев топуци до врат, од проста причина што штикли во средно не се носеа, а ниско беше не-при-фат-ли-во.

Понатаму: тие сукњи. Тие очила за сонце што никакво сонце не криеја - битно беа во боја (спотот на Роби Вилијамс за Рок ДЈ?). Многу, многу војнички дезен. И шииииироки панталони со џебови, до тој степен што од ташни немавме потреба.

И знаете што е најјако? Се враќаат. Само што сега сме големи, а ташните ни се колку 5 од тие малечките од 2000-ти, и по цена и по големина. Али фино е да се има опцијата џеб.

Да се потсетиме:

12 август 2019 - 17:27