Како стресот на работа стана романтичен?

Никој не би рекол дека зборовите стрес и романтика ќе влезат во иста реченица, а сепак, денес луѓето толку се возбудуваат на тоа дека се под стрес, дека имаат многу работа, дека матичната фирма ќе пропадне без нивниот труд што се поставува прашањето – дали го романтизираме стресот?

Харлинг Рос од Man Repeller во еден момент разговара со 23-годишна девојка од техничката индустрија во Бостон, и се случува следниот муабет:

„Малку ми е срам да признаам дека го обожавам стресот на работа,” изјавува девојката при дискусија околу тоа зошто никогаш не зема одмор. „Ми се допаѓа идејата дека не можам да го земам цел одмор затоа што ете, се кршам од работа.”

Додека си ја трескате главата од монитор на изјавава, дозволете да заврши цитатот. Истава девојка видела твит од социјален психолог со содржина: „Преку глава ми е од романтизирање на стресот на работа”.

„Пред да го прочитам тоа, не сфаќав дека стресот на работа е романтичен. Но сега признавам дека сум вљубена”.

Самата авторка на текстот го признава истото. Логиката ја наоѓа во тоа дека во последно време, стресот е некако шик. Не е само производ на твојата зафатеност, или изговор да се извадиш од друштвени обврски - се работи за гордост, значи дека нешто ти е важно, дека имаш некаква страст за нешто. Служи како гориво за твојата способност да работиш понатаму и понапорно.

Единствениот проблем е и најочигледниот: стресот останува стрес, макар и романтичен, а да го ставиш на пиедестал е карта во еден правец до burnout – да изгориш од претерување со обврски.

Зошто стресот на работа се идеализира, па дури и се охрабрува наспроти другите типови на стрес на кои се гледа како анатема, објаснува Кенет Фајнер, психолог:

„Поприфатливо е да зборуваш за стресот на работа отколку за социјалниот стрес, затоа што социјалните потешкотии на луѓето обично се искусуваат приватно. Има еден вид колегијалност во работниот стрес, па може дури да се гледа и како механизам за поврзување, додека другите видови стрес се полични и според тоа можат да бидат и отуѓувачки.”

Дистинкцијата делува точна, кога ќе размисли човек за сите видови стрес што ги доживува – отворено зборуваме во друштво за стресовите на работа затоа што ни е фино – дури и катарзично, а ако сме реални, ваквиот муабет претставува и социјално прифатлив механизам за фалење. Нели, тој еден што го има во секое друштво со мантрата: „еден ден да не сум на работа, одма ми ѕвонат и се распаѓаат”.

А кога се жалиме од ваквиот стрес, сите се вклучуваат, па и навистина излегува дека ваквите жалопојки се супер за дружба.

Лорен Мекгудвин, основач на Career Contessa, вели дека оваа дистинкција има корен во идејата за стресот на работа како статусен симбол. „Како орден за храброст е, ако имаш премногу работа значи некој ти ја цени работата. А ако ти ја ценат работата, значи си успешен.” Нема ништо лошо во тоа да работиш многу и да се бориш за успех во кариерата, но „преполнета чинија може да се скрши”, и тоа е неодржливо.

„Ако сте мотивирани од стрес и чувството дека постигнувате нови нешта, земете работете со раце, запишете се на грнчарство, или таква некоја работа,” вели Мекгудвин. „Ако ја скршите шемата на стресот со физичко прекинување, тоа ви е одличен почеток. Сите шеми се како мускули. Ако не ги користите, се губат.”

12 октомври 2017 - 13:12