Како мислиш две жени носеле исто бебе?

Прв пат во историјата, две жени заеднички носеа едно бебе во еден вид „заедничка бременост.”

Што ви паѓа прво на памет? Бебето било зачнато во една, па го поносела неколку месеци, па го извадиле па го ставиле во друга? При вакви наслови, мозокот брза да најде логика, и ако сме реални, ја наоѓа, ама до деталите е.

Се работи за една истполова двојка, Ешли и Блис Колтер од Тексас. Двете биле дел од еден иновативен пристап во технологиите за вештачко оплодување, при кој и двете имале прилика да играат улога во создавањето на нивното синче кое се роди годинава и се вика Стетсон.

Ова е нова процедура во која се користи една направа наречена ИНВОсел. Во основа се работи за комбинација од ин витро оплодување и интраутеринска инсеминација, а значи дека создавањето на ембрионот се случило во матката на Блис, па потоа бил пренесен во матката на Ешли каде што таа таа го носи во наредните девет месеци.

Уште е чудно? Веројатно затоа што некои од нас немаат слушнато за интраутеринска инсеминација.

Вака:

За време на ин витро оплодувањето, научниците оплодуваат јајце клетка со сперма во лабораторија, па формираниот ембрион го ставаат во жената која треба да го носи бебето.

Кај интраутеринската инсеминација (позната и како вештачка инсеминација, спермата директно се внесува во матката за да се помогне оплодувањето на јајце-клетката, наместо да се остави „сама да се снаоѓа” во вагината.

Live Science објаснува дека научниците со Ешли и Блис всушност ги ставиле И спермата (од донатор) И јајце-клетката (од Блис) во мала епрувета која ја ставиле во вагината на Блис.

Потоа, ставиле дијафрагма за сè да си стои на место, а природната топлина на телото на Блис креира совршена средина за да се создаде ембрионот. После 5 дена, докторите ја извадиле епруветатата да видат дали се формирал ембрион - и се формирал - и ја отстраниле скроз.

Ембрионот брзо се вметнува во матката на Ешли, која е претходно спремана хормонски да прими петдневен ембрион и го носи девет месеци и го раѓа.

Ешли вели: „Таа го носеше пет дена и беше голем дел од оплодувањето, па јас го доносев девет месеци. И затоа ни е ова толку посебно, дека и двете бевме вклучени. И таа беше дел од ова и јас бев.”

Иако во случајов, оваа техника се употребила за истополова двојка да може да учествува еднакво во процесот, може и кај хетеросексуални двојки. А, според некои експерти во оваа област, овој метод може да е поуспешен од традиционалното ин витро - креирање на ембрион во природна средина наместо во инкубатор, но нема доволно научни докази за оваа теорија. Во моментов, во Велика Британија овој метод не е одобрен во клиники за плодност, но ако биде, може да понуди повеќе надеж за идните родители.

И така, 2018-та е, две жени успеаа вистински, биолошки да учествуваат во раѓањето на нивното бебе.

По стотти пат, what a time to be alive.

7 ноември 2018 - 10:38