Како Марина Абрамовиќ го претвори барањето внимание во современа уметност

Џули Бурчил лани ја прочитала книгата на Марина Абрамовиќ и во еден осврт на ова самобендисано дело, на оваа самобендисана авторка, мирно, остро и прекрасно цинично ни се провикнува, „луѓе бе па, па царот е многу, многу гол“.

Никогаш немав слушнато за Марина Абрамовиќ, но фините луѓе на Википедија ми кажаа дека, на свои 70 години, опишана е како „бабата на уметничкиот перформанс“ и дека „ја истражува врската меѓу настапувачот и публиката... фокусирајќи се на соочување со болка, крв и физичките граници на телото.“ Прво се почувствував како малку недоквакана, додека не сфатив дека се работи за тип од оние што добиваат една ако сакате, парасексуална возбуда кога нема да најдат ништо што ги достигнува нивните патолошки високи стандарди.

(Ова авторката на рецензијата го нарекува ‘норгазам’)

Секако, почнува како никогаш да нема да заврши. На првата страница, влегува во српските шуми од нејзиното детство, со нејзината баба и здогледува нешто што никогаш претходно не го видела. Се стрчува да го допре, и баба ѝ вреснува – разбирливо, затоа што е тоа „огромна змија“. Но наместо да ѝ биде благодарна на баба ѝ, ја памти како негативецот во приказната: „Во тој момент прв пат во животот почувствував страв... Гласот на баба ми ме исплаши... Неверојатно е како стравот ти е наметнат, од родителите и другите околу тебе.“

*Заб. на прев: Не, баба ти е обична баба што нејќе да те изеде змија, но добро, Марина.

До втора страна, веќе го се жали на комунизмот под Тито затоа што – веќе е уметник, замислете! – „заедничките простори... обоени со таа прљаво зелена боја, па имаше голи сијалици што светеа сиво, а тоа создаваше сенка во очите“.

Но, Абрамовиќ  е дете на политичката елита, чие што живеалиште е „како зграда во Париз... цел спрат, осум соби за четворица“, и со право е вознемирена кога открива дека тој стан им бил одземен на Евреи од страна на нацистите за време на војната. Во истиот здив, го критикува уметничкиот вкус на мајка ѝ: Подоцна сфатив и дека сликите што мајка ми ги имаше закачено во станот не беа многу добри.“ Тешко е да се процени што од ова повеќе ја потресува.

Три страни, три норгазми! Веќе бев закачена за книгата. Набрзо после тоа, учиме дека, како едно чудо, нејзините многу атрактивни родители меѓусебно си ги спасиле животите во моменти неповрзани со приказната, додека се бореле како партизани. Но мајка ѝ на Абрамовиќ има тешко породување, па малата Марина најчесто ја чува слугинката. Главниот приговор? „Слугинката имаше син, кој стана голем и дебел“. Гледате што сакам да кажам? Уште непроодена, а веќе естета. Но лошото допрва доаѓа: „Многу бев љубоморна на брат ми... наскоро му се разви некаква детска епилепсија – имаше напади и сите се врткаа околу него, обрнувајќи му уште повеќе внимание.“ Какво безобразно детиште сигурно бил! Се разбира, нашата хероина се обидува да го удави, но ја спречуваат.

Младоста на Марина делува како бајка од Грим: мајка и ја тепа до помодрување и ја заклучува во плакар (До сега, едвај до 13-та страна, навивав за луѓе за кои што знаев дека не треба да навивам). Нејзините родители, кои спијат со наполнети пиштоли на наткасните, се скаруваат. Ѝ даваат неприкладни Божиќни подароци – волнени чорапи, или некоја книга што морала да ја прочита, или пижами. А таман ќе си рече човек дека можеле да се потрудат еден еднорог да извадат, во повоениот, комунистички Балкан. Особено за една таква посебна личност, која е толку осетлива, што кога ќе ѝ падне првото запче, крвари три месеци!

Марина има свое студио за сликање, часови по пијано, учители по англиски и француски, како и неограничен пристап до културни настани, но сепак вика, „бев многу осамена.“ Совет: Ако си осамена, немој да си ги давиш браќата и сестрите, или ќе бидеш уште поосамена.

Овој мемоар на мизеријата добива нова димензија кога Марина ќе дојде до хормонскиот пекол наречен адолесценција. Кога се запишува на Белградската академија за ликовни уметности на 17, се понадевав дека ќе се опраи, но немав таква среќа. Како и многу непослушни тинејџери, таа решава да ја изгуби невиноста со човек за кој нема чувства, па му се обраќа: „Ја имам новата плоча на Пери Комо. Сакаш да ја слушаме некогаш?“ Но откако ќе изнапие албански коњак (за анестетик), Марина го доживува најголемиот норгазам дотогаш – излегува дека е недопрена.

Во школо слика облаци и сообраќајќи, но ги начулува ушите само кога ќе слушне за уметнички перформанс – за повторно да доживее норгазам кога нејзиното прво дело, Пери со мене е одбиено. „Идејата ми беше да инсталирам мијалници за перење во една галерија во Белградскиот младински центар. Кога ќе дојдат посетителите, да се соблечат, и јас ќе им перам, ќе им ги сушам и ќе им ги пеглам алиштата.“

*Заб. На прев. ЗАМИСЛЕТЕ ГИ ТИЕ СРБИ ШТО ЌЕ ВЛЕЗАТ У ГАЛЕРИЈА И ЌЕ ИМ РЕЧЕ МАРИНА СОБЛАКАЈТЕ СЕ, ПУШТАМ МАШИНА!

После тоа, нејзиниот предлог да игра руски рулет пред публика исто така не проаѓа; досега, веќе се лутев на Белградскиот младински центар за недостатокот на авангардност и „ајде бе, ќе пробаме“ став како што има Абрамовиќ.

На скоро 25 години, таа се уште живее со мајка ѝ, „во една тиранија на поддршка“ – иако веќе е мажена за човек што живее со неговите родители, и со кој искусува „неадекватно водење љубов“. Норгазмите достигнуваат едно позитивно крешендо, кога Марина искусува ненадејно уметничко откровение. Еден ден, чувствувајќи се уморна во Студентскиот културен центар, легнува да поспие, и еден нејзин колега ја мумифицира со трака селотејп оставајќи ѝ ја само главата надвор. Што го инспирирало можеме само да нагаѓаме, но Марина е решена: „Некои од набљудувачите беа фасцинирани, некои беа згрозени. Но на никој не му беше досадно.“

*Заб. на прев. И мене така во основно еден другар ме врза со селотејп на биологија, ама наставничката воопшто не беше фасцинирана, па наместо да станам глобално познат уметник за идиотштини, во наредните пет минути чекав како он по наредба на наставничката и закана за неоправдан ме одлепуваше од глупости

Вестите за овие откачени деца се прошириле на запад, па во 1973-та, ја наоѓаат на фестивал во Единбург со нејзините звучни инсталации – со оглед на тоа што треба да се случи во Југославија, се работи за дело наречено Војна, каде што „посетителите поминуваат низ тесен ходник, направен од две шперплочи и урла заглушувачки рик на пукање од автоматски пушки“. Овде конечно ги запознава своите уметнички сродни души: „Еден од нив, Гунтер Брус беше осуден на затвор заради неговиот перформанс каде што симултано мастурбира, се мачка со гомна по телото и ја пее австриската химна.“

*Заб. на прев: Овде дискретно ќе ве погледнам.

Токму сега, Абрамовиќ, опкружена со такви едни инспиративни ликови ја почнува дерњавата по која што ќе стане позната. Ритам 10 е базирано на словенска игра за пиење, во која што ги шириш прстите на маса и бодеш меѓу нив со остар нож. Секогаш кога ќе се исечеш – пиеш и „колку си попијан, толку повеќе шанси има да се прободеш“. Се работи за „игра на храброст и лудост и очај и мрак“. Чудно како самобендисаните ц’цкаат на деца што се пијанчат и прават глупости во реални шоу-а, но ако го ставиш тоа во галерија, одеднаш е Уметност.

Абрамовиќ завршува крвава, и што е поважно, добива громогласен аплауз од публиката. (Да бев таму, ќе се придружев, но можеби не од истата причина). Наскоро, настапува со Ритам 10 во Рим, но со 20 ножеви наместо 10. Го запознава Антонио Диас, Бразилец чиј што перформанс е „составен од грамофон, плоча и банана. Додека свири плочата, ја става бананата на нејзе, создавајќи интересна дисторзија на глетка и звук.“

*Заб. На прев. КАЈ Е СЕА таа полицијата на тој со гомната?!

Вака еднакво креативни и пронајдени меѓу себе, почнуваат врска. Диас е женет, но таа секако нели, сака да си игра со оган, и тоа на повеќе начини: нејзиното следно дело е лежење расчепатена во две дрвени петокраки ѕвезди, едната малку поголема од нејзиното тело, во нив внатре има пилевина натопена во – пазете – 100 литри бензин. И знаеме што следи. Абрамовиќ, таква каква што е паметна, не предвидува дека ќе се онесвести од што огнот околу неа ѝ го зима цел кислород, па мора да се гаси. И така, нашата хероина е спасена од нејзиниот ѕвезден пекол: „Но наместо да биде фијаско, делото беше еден чуден хит.“ Наскоро ја викаат по сите опасни и авангардни галерии низ Европа, каде што оперираните од хумор доаѓаат живи сериозни да зјапаат како се соблекува и дели апчиња. (Некој да ми кажеше дека можам да заработувам така, пред да почнам со ова пишувањево!)

Во било кое друго милје, Абрамовиќ ќе добиеше дијагноза; весниците во Белград ја прогласуваат за егзибиционист и мазохист што припаѓа во лудница. Во уметничкиот свет, сепак, нејзината зависност од внимание е прославувана, па она решава да се закачи за нешто уште појако: „Што ако наместо самата да си правам нешто, и дозволам на публиката да ми прави?“ Во една галерија во Неапол во 1975-та, таа стои до маса со 72 предмети на неа, од пердув до наполнет пиштол и објавува дека, во следните шест часа, секој може да ѝ направи што сака. Три часа публиката се срами; па се опушта. Еден човек ѝ ја сече маицата, два-тројца ѝ бодат нож меѓу нозе, еден ѝ го сече вратот и ѝ ја цица крвта, и конечно, „еден многу ситен човек“ (сигурно еден љубител на уметноста) го зема пиштолот, ѝ го става во рака и ѝ го придвижува кон вратот, со прстот на чкрапалото. Не можеш да не се треснеш од земја од смеење кога ќе чуеш што следи: „Луѓето се размрдаа. Од публиката некој сакаше да ме заштити; други сакаа перформансот да продолжи... Малиот човек го измкнаа надвор од галеријата и перформансот продолжи“, но сепак, порезервирано.

Следи една верзија на старовремски културен Гран Тур, само што, наместо да се воодушевува на уметноста, Абрамовиќ е уметноста – ако ви е уметност бањање во овча крв, корнење на сопствената коса, вриштење три саати, и повеќе самоповредување отколку што може да се замисли.

И таман ќе помислите дека не може да биде полудо, запознава човек во Амстердам кој е нејзина машка верзија – работи со полароиди, си ја тетовира раката, па си сече парче месо од тетоважата и тоа толку длабоко, што се гледа мускулот, па си ги отсекува врвовите на прстите и го бои купатилото со сопствената крв. Како едни Адам и Ева преродени во касапница, овие двајца си проаѓаат прејако, обидувајќи се да се надминат еден со друг со касапење себеси. Тој победува, затоа што си ги сошива усните. Се скаруваат затоа што „после ужасна болка во абдоменот и газот“, ликот го напушта осумчасовниот перформанс за да побара медицинска помош, а Абрамовиќ го обвинува за недостаток на уметнички интегритет. За возврат, тој ја забременува преведувачката од кинески, додека со Абрамовиќ изведуваат дело во кое пешачат по Кинескиот ѕид, секој на спротивна страна за да се сретнат на средина.

*Заб. на прев. А вие мислевте дека жена ви многу ве критикува

Не може да се одрече дека Абрамовиќ се снаоѓа и запознава интересни луѓе; дури и Далај Лама се појавува во еден момент. За Ли Баури вели дека е „огромен човек... Кога го гледаш не може, а да не те јаде неговиот срам,“ што е малце безобразно кога доаѓа од жена што заработува за живот дерејќи си кожа. Тој ѝ креира костим „Кралица на стаорците“ за еден перформанс во 1994-та, каде што таа го соблекува, па паѓа во дупка со 400 живи стаорци, па излегува и јаде жив кромид.

А не дека не ѝ текнуе, кога веќе не е интересна, станува учителка за морони, со часови од типот „Одете наназад четири часа, држејќи огледало во рака,“ и „Држете дрво и жалете му се, минимум 15 минути.“

*Заб. на прев. Изгледа тоа што некои се невработени е само нивна вина - не им текнало да заработуваат од подучување „мати, мати колико је сати“

Нејзиниот одговор на граѓанската војна во родната Југославија е исклучителен, но не изненадувачки. За еден видео перформанс, јаде кромид и се жали на животот – проблеми на првиот свет претставени како уметност – а сепак, репликата што се истакнува е: „Уморна сум од тоа да се срамам дека ми е носот преголем, газот предебел, и да се срамам од војната во Југославија.“ Тешко се изненадувам, но дури и јас се запрепастив на ова. Како и да е, кога се бара од неа да ги преставува Србија и Црна Гора на Венециското биенале во 1997-ма, му пишува на Министерството за култура и бара 120.000 евра за да купи три најјаки проектори, и 2500 коски од свежо заклани крави. Се разбира, министерот за култура ја испраќа кај што ѝ е местото, но поканета е да влезе независно, па си ги наоѓа коските од крави од непознат донатор, и седи таму во лабараториски мантил, ги гали, плаче и пее југословенски народни песни – па се соблекува, останува во црно неглиже и изведува еден „секси, маничен танц“ – четири дена, седум саати дневно. Делото, Балкански барок ѝ носи Златен лав за најдобар уметник. Си добива и млад, згоден Италијан за сопруг во целиот хаос.

Во 2000-та, неизбежно завршува во спиритуалниот дом на сите оние кои чудното го претворија во уметност – Њујорк, каде што се лакта со Сузан Сонтаг и Бјорк (сигурно со кафез за птици околу врат). А нејзината глад за внимание достигнува еднакво неизбежен климакс: 12 дена ќе живее на сцена, во галерија, конзумирајќи само филтрирана вода и ќе ги извршува сите телесни функции пред публиката што ќе плати влез. Сонтаг доаѓа да го гледа ова пип-шоу секој ден и стануваат блиски пријателки. Дури и на нејзиниот погреб, Абрамовиќ не може да не се пофали во какво друштво била: „Пети Смит беше таму. Малком Мекларен. Салман Ружди. Придружничката на Сузан, Ени Либовиц.“ Како да збори за најјаката журка во градот. Дури и во оваа констелација, Абрамовиќ наоѓа време за норгазам: Премал е, и во Париз, на барањето на синот на Сонтаг, а треба да биде во Њујорк, за да биде поголем (погребот) – така сигурно ќе дошле повеќе славни ликови и ќе биле напишани во книгата. Нашата хероина оди веднаш кај адвокат и му кажува дека таа не смее да има еден гроб – туку три, во Амстердам, Белград и Њујорк и дека никој не смее да знае каде ќе биде она точно. Дури  и од другата страна, уметнички го режира своето заминување: „славење на сè што сум направила“.

Не научив ништо за уметничкиот перформанс од книгава, но открив дека имаше многу позитивен ефект на моето расположение, разведрувајќи ме до бескрај. Се кинев од смеење од почеток до крај. Ова е најсмешната книга што постои годинава, па и други години. Иако нејзината животна, наводна уметност е безвредна, Марина Абрамовиќ ако ништо друго, може да тврди дека придонела кон една уметничка ведрина кај луѓето – иако ненамерно.

За книгата Walk Through Walls: a Memoir by Marina Abramovic, Џули Бурчил

1 август 2017 - 14:05