Како ќе се земете, а не сте живееле заедно?

Сè повеќе луѓе се одлучуваат за заеднички живот со нивните партнери и тоа не ни е ново. Она што е интересно сепак, е колку е таа бројка зголемена во последниве неколку години: Околу 18 милиони возрасни луѓе во Америка живееле заедно во 2016-та, што е за 29% повеќе од 2007-ма.

Едно ново истражување од Центарот за контрола и превенција на болести во САД додава уште неколку слоеви на приказната. Интервјуирани биле луѓе на возраст од 18 до 44, и мажи и жени. Во рамки на истражувањето, 17 проценти жени и 16 проценти мажи живееле заедно - но не во брак со партнер, и како група се издвоиле по неколку нешта што им биле заеднички.

Нивните идни планови не биле земени предвид, значи не било битно дали живеат заедно затоа што „кај и да е ќе се земат” или затоа што не им значи бракот. И во однос на венчаните двојки и двојките кои не живееле заедно, овие ко-хабитерите ги имале следниве карактеристики: посиромашни, послабо образовани, поверојатно дека биле сексуално активни пред 18-годишна возраст и поотворени за живеење заедно пред брак и воспитување деца надвор од брак.

Дали кај нас, паровите кои живеат заедно а не се во брак би ги делеле истите карактеристики? Затоа што, вака од око, изгледа дека посиромашните и послабо образованите, кои доаѓаат од поедноставна средина, побрзо влегуваат во брак и кај нив ретко станува збор за живеење заедно претходно, додека луѓе кои се трудат околу образованието и кариерата, како приоритет бираат заеднички живот без потреба од брачни води. Фина тема за размислување, додека да профункционираат вакви статистички податоци до кои потешко се доаѓа кога пописот е многу стар, но добро.

Според Ариел Куперберг, професорка по социологија на Универзитетот во Северна Каролина, и истражувач при Советот за современи семејства, јазот во примањата и образованието се должи на тоа што многу луѓе си имаат поставено цели пред себе, пред да влезат во брак - сакаат да имаат заштедено пари, сакаат да исплатат кредити, или да завршат школо. Во некои претходни истражувања откриено е дека „финансиската стабилност им е многу важна на двојките пред да влезат во брак.” Додава и дека и тоа е објаснување зошто живеењето заедно е во подем: младите луѓе се потешко постигнуваат финансиска стабилност.

Како што поминува времето, луѓето кои не ја поддржуваат идејата за заедничко живеење пред брак можат да се најдат во малцинство. „Сè помалку се стигматизира идејата со тек на време,” вели Куперберг. „Денес е речиси невообичаено луѓето да не живеат заедно пред брак. Се добиваат коментари од типот, ‘дали стварно си спремен да се мажиш/жениш ако не си живеел со човекот претходно?’”

Во случај да сте го слушнале оној податок, дека заеднички живот пред брак го зголемува ризикот од развод - да, постои тоа, но во 2014-та објавија истражување кое го сруши тој мит. Според сите податоци од истражувањето, „вселување со партнерот или венчавање на многу млада возраст е она што го зголемува ризикот од развод, а не живеењето заедно,” вели Куперберг.

11 јуни 2018 - 16:50