Kако е да заработуваш милион долари годишно?

Додека пиете кафе и замислувате „колку фино би ви дошло милионче сега”, ви текнало ли некогаш дека сосема обични луѓе заработуваат по толку и не мора да значи дека ги гледаме на телевизија? Публицист, банкар и претприемач, раскажуваат за нивното доживување на милионот.

Публицистот:

Пред десет години отворив фирма за ПР. Од нула. Не наследив никакви пари. Не учев на добар универзитет и не доаѓам од фенси семејство. Пред три години, фирмата заработи милион долари. Пред две години, јас дома донесов милион долари. Мислам дека одвоив четири секунди за прославување и ценење на достигнувањето… и потоа, се вратив на работа.

Мислам дека поголема победа ми беше кога компанијата го заработи првиот милион, отколку јас мојот; попосветена сум на работата и вработените отколку на себе. Кога се случи тоа, излегов од станот и си реков, „Јес! Успеавме! Супер.” Истото „Јес! Успеав! Супер” ми се случи и кога си ја купив куќата. Но само тие два пати си дозволив да сфатам што се случува. И двата пати си реков „Закон си.” И после тоа сè си продолжи по старо.

Најдобро е кога гледам како моите вработени се развиваат како возрасни луѓе и навистина се гордеат со својата работа, или гласно кажуваат дека ја сакаат. Тоа ми е поголемо задоволство од купување нова ташна - а тоа го правам два пати годишно, не ме сфаќајте погрешно, но не ме радува како што мислите. Сè уште ме нервираат високи цени.

Нема да лажам: Не започнав ПР фирма за да „им помогнам на луѓето да растат”, но излегува дека тоа најмногу ми значи. Една од вработените што работи со мене отсекогаш, сега ќе купи куќа и пресреќна сум што тоа е заради нашата заедничка работа и што стигнала до таму финансиски.

Купив Порше кога ми тргна - неколку години пред мојот прв милион. И сега имам сопствена куќа, но најдобриот начин да се трошат пари е кога даваш во добротворни цели. Би дала речиси на секој што ќе ми побара. Луѓето што не даваат во добротворни цели ми се одвратни.

Не се грижам дека ќе изгубам пари или дека ќе заработувам помалку пари, затоа што тоа едноставно нема да се случи. Да не ве нервирам, но јас сум преживувач по природа. Баба ми го има преживеано Холокаустот. Секогаш ќе заработувам пари. Има да одам до крај на свет за да заработам.

Понекогаш размислувам за променливоста на медиумите. Што ќе се случи со ПР-бизнисот и списанијата? Но знам дека и јас ќе се променам заедно со времето. Нема да биде проблем; добра сум, не верувам во тоа „колку повеќе пари - толку повеќе проблеми”. Не се срамам да кажам дека парите се закон. Парите се слобода, парите се среќа. Моите родители ги броеја ситните пари. Јас ги гледав и секогаш велев дека ќе бидам човек што во хотелска соба ќе отвори шише вода во соба што чини 4 долари и нема да трепне. И сега сум таков човек.

Банкарот:

Што да кажам? Супер е. Одам на одлични патувања. Имам фантастичен стан. Девојка ми е позгодна и позабавна отколку што треба да биде; последната девојка ми беше манекенка. Клише сум, но не би го менувал тоа за ништо. Животот не ми е лош, ич не ми е.

Дали сè уште имам проблеми? Се разбира. Мајка ми почина од рак кога бев многу млад. Немам некој однос со татко ми кој од тогаш е емоционално мртов. Имам многу лоша несоница од некои проблеми од минатото. Не би рекол дека сум најстабилниот човек на планетата, но барем сум нестабилен… со многу пари!

Сакам да кажам, сигурен сум дека ќе ги имав овие проблеми, без разлика дали сум сиромашен или богат, па барем сум финасиски сигурен. Барем можам да си го дозволам најдобриот психијатар во Менхетн.

Не би можел да кажам дека парите се проблем или дури и тема за размислување, социјално или романтично гледано, затоа што сите што ги знам имаат пари. Срам ми е што звучам така, но искрен сум. Сите пораснавме во Њујорк, и главно на сите добро ни оди. Имам пријател што е тапа и живее во Њу Џерси, но сепак е тапа со сопствена мала адвокатска фирма.

Признавам само дека има многу социјална несигурност во мојот круг на луѓе. Малку е како во средно. Ако не те поканат на некоја забава или некое патување, може да бидеш повреден. Напорни луѓе се тоа.

Давам многу пари. Давам кога се собираат средства за борба со рак. На мојата куќна помошничка и купив компјутер и најмив човек да ѝ го среди. Се обидувам да бидам добар и да враќам на општеството.

Не работам веќе толку многу. Одам во Хемптонс кога сакам. Но, сум заслужил. Работев нонстоп кога имав 20. Бев подвижен стрес. Никогаш не пиев и не се дрогирав, но многу мои другари отидоа по тој пат (и никогаш не се вратија). Љубовните врски кога си богат се врв. Што да кажам? Сакам да мислам дека имам и други квалитети освен парите. Висок сум. Имам супер коса. Очигледно знам да правам муабет…

Претприемачот:

Јас сум самохрана мајка со успешна модна линија. Некои години заработувам околу милион, некои години малку помалку… Ќе мора да го прашате мојот сметководител за точните бројки, затоа што не сум многу сигурна. Уверена сум дека парите и моќта ги прават луѓето алчни и луди и јас не сум исклучок. Се обидувам да стојам со двете нозе на земја, но парите се мајндфак - колку повеќе имаш, толку повеќе трошиш, колку повеќе сакаш, толку повеќе ти требаат. Фино е, секако. Моите деца имаат добро образование, сопствени домови, бла, бла. Но никогаш не е доволно. Влегуваш во едно секојдневие каде што си нонстоп уморен, под стрес и мизерен. Можеби парите се корен на сето тоа, а можеби и не. Можеби сите имаат проблеми и парите не значат ништо. И да е така, моите пари ги сфаќам сериозно. Јас ги заработив. Мои се. Не се заебавајте со нив.

Привилегирана сум и живеам во свет на привилегии, и да - понекогаш сум си гадна, а понекогаш исклучителна поради тоа. Кога заработуваш многу, пливаш со ајкули. Секој и сè ти изгледа опасно и погрешно и лажно. Со кого си - таков си…

Работам по цел ден и цела ноќ; дадилката ми ги воспитува децата. Не излегувам и немам секс со никој - па ни со самата себе, и често се чувствувам многу, многу осамено. Не ти е „дозволено” да се жалиш кога имаш пари, па се трудам да не се жалам, но фино е човек да биде реален барем за момент.

13 април 2018 - 16:59