Titos:

Југоносталгија како мода

Загреб од пред некое време е збогатен со Титос - модна марка што ги претвора слоганите и амблемите на комунизмот во една модна изјава.

Продаваат глобално, ребрендирајќи слики и слогани на Тито и пригодно ги рекламираат како „нешто што мора да го имаш.”

На сајтот викаат вака:

Инспирирано од балканските народи, чија работа е повик за солидарност и доверба. Обединети во никогаш завршена работа и означени со недовршена ѕвезда. Многу ѕвезди имаше. Оваа е наша. Нашиот завет кон нашата трудољубива нација.

Дражен Љубиќ, еден од луѓето зад брендот вели дека имале намера главно да ѝ се обраќаат на, како што викаат, „новата работничка класа”, односно луѓето „кои одлучуваат да ги земат работите во свои раце, а не да чекаат владата да им најде работа.” Аналогно на тоа, таргет им се главно самовработените.

Имаат маици, кошули и дуксери, сите со петокрака без еден крак.

„Сите што создаваме овде сме од поранешна Југославија, а петокраката ѕвезда е препознатлив симбол. Сепак, претставува и универзален симбол, ја има и во Конгресот на САД, Хајнекен и Конверс.”

Кракот што недостасува го симболизира тоа што на Балканците „сè уште им недостасува нешто за да постигнат нешто големо и важно”. Но, сепак се надеваат дека тоа нема да важи и за нив, како компанија за облека. А не е дека се глупи, како инаку да ти успее бренд за облека во бивша југословенска земја, притоа да допре длабоко во нерв кај миленијалците ширум светот, ако не се закачиш, се разбира, за Тито?

На сцена се од 2016-та, но стануваат попопуларни во последно време со поголеми инвестиции во маркетинг. Глобалните продажби ги прават преку онлајн продавница, а им се враќаат дури 50% од купувачите, по уште нешто.

Хрватите, сепак, не се којзнае колку воодушевени.

12 октомври 2017 - 16:26