Имате ли вие време за лажна свадба?

И тоа се лажира за внимание, само треба да имаш пари. А Енди Потамкин ги има поприлично.

Еден селебрити фризер тврди дека неговата жена (инаку наследничка на огромно богатство) ја лажирала нивната свадба полна славни личности, што чинела милион долари и ја организирале во пустина.

Причината?

Пи-ар и внимание.

Вилијам Џордан Блекмор, чие студио во Челзи опслужува клиенти како Марк Џејкобс, Елизабет Олсен и Селена Гомез, мислел дека се венчал со долгогодишната љубов Енди Потамкин во 2015-та, со огромна свадба во ресорт во Јута, со гости донесени со приватни авиони и еден куп претставници од медиуми.

Шокот настапил три години подоцна, кога сфатил дека Енди, чие семејство го финансира Потамкин Ауто Груп го излажала во обид да избегне легитимен брак, како што наведува Блекмор во неговата тужба.

„Вистината е дека Енди никогаш не сакала да се омажи за Џордан, само го сакала доживувањето на луксузна свадба, маркетиншка финта и вниманието што доаѓа со сето тоа,” пишува во тужбата.

Енди Потамкин, од друга страна, тврди дека тужбата е полна со „невистинити и нерелевантни информации за моето семејство, вклучени во обид јавно да бидеме засрамени.”

Поканите за свадбата се состоеле од геоди - камења со кристали во боја внатре, и чекан, за да си го отвориш. Меѓу гостите биле креаторот Реко Омонди и актерката од Хаус оф Кардс, Алексис Никол Смит и биле замолени да се облечат во „пустински бои” (како „пергамент,”) и нагласено било дека слободно можат по неколку пати да се пресоблекуваат.

Четиридневниот настан вклучувал јавање, зиплајн, пешачење, ноќен покер, караоке, филмови на отворено, скара и ручек покрај базен.

Плус, јога, часови по сликање, прошетки со водич и рачно правени хартиени кукли по ликот на секој гостин кои се закачувале на клучевите од нивните апартмани, чија цена инаку се движи од 2600 до 4350 долари по вечер.

Но и покрај тоа што размениле завети и танцувале до олтарот, Блекмор обвинува дека сè било лажно.

Потамкин ова го смислила со татко ѝ, Алан Потамкин, 70, кој е ко-сопственик на компанијата за автомобили и се верува дека спие на 150 милиони долари. Наводно загрижен за финансиската иднина на својата ќерка, затоа што на Блекмор не му се потпишувало предбрачен договор, таткото - три пати женет, кој еднаш заради немање предбрачен договор морал да се прости со 30 милиони долари, според тужбата, „активно учествувал и помогнал во измамата.”

Семејството ја извело измамата иако Блекмор сепак го потпишал предбрачниот договор.

Предбрачната романса изгледала вистински. Се запознале во ноќен клуб во Мајами, во 2006-та и четири години подоцна, вљубениот Блекмор се обратил до двајцата родители на Енди и ја побарал за жена, со прстен од 90.000 долари.

Си направиле и исти тетоважи со глуп текст: “I am my beloved’s and my beloved is mine.”

Блекмор тврди дека „Алан Потамкин ѝ овозможил на ќерка му свадба од соништата, без трајните последици според закон.” Побарале од другарка - јога инструктор да ги венча, но Енди смислила дека „другарката не мора да има дозвола, затоа што и така официјално планирале да се венчаат во Њујорк, пред да одат во Јута.” Не набавиле дозвола за брак ни во Њујорк ни во Јута, според еден извор, а грешката на Блекмор е што оставил „жена му” да ги брка тие работи. Следел и меден месец од 25.000 долари, таа го викала „сопруг”, татко ѝ го викал „сине”, но врската почнала да се распаѓа кога се дознало дека Енди има афера, а на татко ѝ некако не му се давале 300.000 долари како инвестиција што му ја ветил за бизнисот на Блекмор.

Ако му успее тужбата, ќе добие 2 милиони долари оштета, по што би излегло дека џабе оние лудаци се чувале и си направиле филмска свадба.

Некои луѓе стварно имаат многу, многу слободно време.

14 мај 2019 - 14:06