Гранџот се враќа и Марк Џејкобс се вози со него

Две децении откако се инкарнираше, еве ни го гранџот назад, затоа што носталгијата по ’90-ти ја фасцинира новата генерација - само едно скролање на Инстаграм нè дели од доказите. И со Redux Grunge, на возот се качува Марк Џејкобс, кој го изеде поради обидот да го направи истото во ’90-ти.

Марк Џејкобс рекреира 26 комбинации од неговата колекција во 1993-та. Пред 25 години, високата мода, како една баба во Шанел, не сакаше да прифати детиште како гранџ, па таа негова колекција не помина добро и успеа и работата да ја изгуби. Сега, над две децении подоцна, колекцијата во која што Кејт Мос и Наоми Кемпбел се појавија во бини-капчиња и маици со цртани изгледа конечно е своја на своето време.

„Дел од иронијата и перверзијата на оригиналната колекција беше дека сè беше најдено и воздигнато. Купувавме карирани кошули за 2 долари и ги преправавме во свила. Да земеш нешто банално и вулгарно и да го донесеш до дизајнерски статус не беше ни ново ниту бевме први, но луѓето беа навредени. Одлучни беа: не, не смеете така. Но сепак се случува тоа.”

За Redux Grunge колекцијата, екипата на Марк ги превртува сите дрва и камења, орајќи го иБеј за оригиналните парчиња и враќајќи се во фабриките што ги произведувале. Резултатот е колекција која се движи меѓу границите на носталгија и современо и го прави токму тоа што дизајнерот имал намера да го направи: ги меша работите. „Сешто ми се движи низ глава, на пример, што воопшто претставува модата денес? За кого е? Каде оди? Со интернетот, сè ти доаѓа премногу,” изјавува Џејкобс за Ел. „Важно е да се забележи што се случува сега во светот и да се задржи интегритетот.

Redux Grunge можеби не ги одговара сите овие прашања, но секако е во тек со она што во моментот се случува во модата, каде што на тронот е уличната мода, а екстраваганцата излегува на улица. „Видете како Баленсијага го крева она што деца го купуваат за 15 долари во трговски центар и го прави 2000,” продолжува тој.

„Царевото ново руво. Нели модата е баш тоа, отсекогаш?”

8 ноември 2018 - 11:36