Долор, на Ана Акана

Тажните приказни ги избегнуваме, ама некогаш се толку значајни и толку убаво претставени, што вреди човек да им обрне внимание.

Ана Акана сме ја пишувале неколку пати, главно за занимливости и заради нејзиниот забавен начин на гледање на работите. Еднаш беше за секс на прв дејт, друг пат имаше еден феноменален муабет за луѓето и нивното урлање за „продадени души”, или совет како да си ги завршиш работите успешно.

И секогаш е ведра, весела, видеата полни анимации и слично. Советите и мислењата ѝ се често упатени кон луѓе кои понекогаш може да имаат проблем со справување со светот на возрасните, без разлика што се веќе возрасни, и има причина за тоа.

Акана ја губи сестра ѝ во 2007-ма, девојчето се самоубива на 14-годишна возраст. Од тогаш, Акана  секојдневно се бори со самата себе, со своите демони, депресија, сомнежи, во себе, во светот околу неа, учи нови работи и го споделува тоа на нејзиниот канал, апелира луѓето да се грижат за своето ментално здравје, да побараат помош и да работат секојдневно на себе и на нивниот свет.

Во последно време прави работи што ѝ помагаат да се справи со тоа што ја мачи. Спотови и читање поезија, фото-сесии кои ѝ помагаат да се чувствува поудобно во сопственото тело, и најновото - краткиот анимиран филм Dolor, каде што успева сликовито да ги опише чувствата во моментот кога сестра ѝ конечно заминува.

Тажно е, но пораката е - надеж.

Филмот до сега е примен на три филмски фестивали.

16 јануари 2019 - 16:33