Десет музи на Енди Ворхол

Фасцинантни, хаотични и проблематични.

Жените со кои се опкружувал, професионално, друштвено и естетски) се еден фасцинантен збир на типови: од наследнички, трансгресивни ѕвезди на андерграундот на уметноста, моќни играчи во медиумите и модата, до сиромашни кул девојки. Мала армија од Хичкоковски убавици со лица повпечатливи од она што баш во таа ера важело за убаво.

Еве ги, тие што шетале низ Менхетн во ’60-ти, ’70-ти и ’80-ти:

Иди Сеџвик

„Девојка на годината” во 1965-та, богата, убава и крш. За Ворхол тоа било љубов на прв поглед, од уметнички аспект и филмовите што ги прави заедно со нејзе му се меѓу најгледаните. Откако се скаруваат, таа оди да живее во хотелот Челзи и се сплеткува со Боб Дилан, па се мажи за човек што го запознава на психијатриски оддел. Во 1971-ва, умира две години пред нејзиниот 30-ти роденден, но зад себе ја остава трансценденталната слава на една од најкул жените во светот.

Корнелија Гест

Деновиве е позната како посветен веган и повремен гласноговорник на Ла Прери, но во ’80-ти е она што медиумите сакаат да го викаат Ит. Кумови и се војводата и војвотката од Виндзор и ја викаат „Дебитантка на деценијата”, откако ќе експлодира на друштвената сцена на Менхетн во 1981-ва. Секогаш фан на вакви светкави личности, Ворхол кој бил пријател на нејзиниот татко, често бил залепен за нејзе.

Кенди Дарлинг

Трансексуална икона, родена за муза, не само на Ворхол туку и на Велвет Андерграунд. За време на ’60-тите ја знаат сите, но умира на само 29 од лимфом. „За жал, пред смртта немам желба за живот,” изјавува некаде при крај. „Сè ми е толку досадно. Може да се каже смртно досадно.”

Донјел Луна

Првата црнкиња на насловната на британскиот Вог и сензација во ’60-ти, заради мудроста и убавината. Крајно спротивна од останатите музи на Ворхол, но сепак настапувала во неколку негови филмови, во еден ја глуми и Снежана. Сличен крш е со другите, затоа што завршува со случајно предозирање со хероин, а ја надживува нејзиниот сопруг кој е фотограф и 18-месечната ќерка.

Изабел Колин Дуфресне

Била уметник, а со Ворхол во 1963-та ја запознава нејзиниот поранешен љубовник Салвадор Дали и станува една од „Суперѕвездите” на Ворхол со сценското име Ултра Виолет. Има напишано и сочен мемоар од нивните заеднички години: Famous for 15 Minutes: My Years with Andy Warhol, каде што ги документира многубројните афери (Рудолф Нурејев и Милош Форман, на пример), ама да не веруваш: не користи дрога. „Да живеев како другите млади тогаш, ќе бев мртва денес.”

Бјанка Џегер

Со нејзе биле другарчиња за журки што како пар ја дефинираат нивната епоха, но работите се распаѓаат после смртта на Ворхол, а и кога ги тужи издавачите на The Andy Warhol Diaries за клевета во 1989-та и тоа успешно. Проблем ѝ било што Ворхол повремено знаел да пише дека е неинтелигентна. Чудо.

Грејс Џонс

Заедно дошле на свадбата на Шварценегер со Марија Шрајвер во 1986-та и каснеле толку многу што буквално упаднале низ вратите од црквата додека младоженците си кажувале завети. Тетката на невестата, Џеки Кенеди се лутела, а не била импресионирана ни од фустанот во кој што Џонс се пресоблекла на аеродром кога доаѓала.

Дајен фон Фурстенберг

„Беше воајер. Не зборуваше многу. Ќе изгубеше памет на социјални мрежи,” има изјавено Фурстенберг за Обзервер во 2014-та.

Вива

Родена како Џенет Сузан Мери Хофман, Вива е можеби најсаканата Суперѕвезда на Ворхол кон крајот на ’60-тите. Како многу од неговите музи, растена е во строго католичко семејство, што не ја спречило да игра во некои од неговите почудни филмови (Tub Girls и The Nude Restaurant, на пример). „Лицето ѝ беше толку впечатливо, што ти даваше избор да ја викаш и убава и грда,” рекол Ворхол за нејзината магија. „Го обожавав нејзиниот изглед.”

10 јануари 2019 - 15:20