Среќен ден на вљубените!

Црни срциња и чоколадни черепи за Св. Валентин

На една слаткарка од Пенсилванија толку ѝ се смачува лигавењето околу Св. Валентин, што решава дека е време на црвеното да му се додаде малку црно.

Последниве пет години, најпродаваниот производ во Vegan Treats, слаткарницата на Даниел Конја е една црна кутија во форма на срце, со чоколатца, што се вика Fatally Yours.

Оваа година, дизајнот на кутијата е инспириран од Ouija табла (оние за повикување духови). Лани беа два скелети како се држат за раце. Бонбониерата „Фатално твој-а” има коски од дланка од бело чоколадо, голем череп од смеса за колаче, полнети анатомски срца и други благца на тема смрт.

„Ова ни е најпопуларен сезонски производ,” вели Конја, сопственичката на слаткарницата. И стварно, продажбата оваа година е скокната за една третина. Конја вели дека повеќето муштерии се жени и често ги купуваат страшните бонбониери за себе, како и за партнери и пријатели.

„На ваков празник што преживува од плишани мечиња и ружи, ова го задоволува секое малку зацрнето срце. Кога ќе кажам црно срце, го кажувам како опонент на традиционалното црвено срце како симбол на љубовта. Црното срце е комплексно… понекогаш се чувствува малку мртво одвнатре и слуша тажни песни.”

Сè почесто вакви дуќанчиња за благо се вртат кон оваа тема кога работат на Св. Валентин. Се потсмеваат на празникот и им овозможуваат и на луѓето што не ги интересира - да го слават овој ден, најчесто посветен на хетеронормативна романтична љубов.

„Не сум нешто по празников, но вакви работи како Fatally Yours овозможуваат да го прославам на мој морничав начин,” изјавува Сара Е. Џахир, која има 36 години и работи како менаџер на клинички испитувања. Редовно оди кај Конја и лани си ги купила чоколадите за себе.

Конја воопшто не ни мислела на муштерии кога еднаш, земала една кутија во форма на срце од чоколатца што ги добила мајка и, ја испрскала со црна боја во спреј и ја декорирала со хартиени черепи. Ја наполнила со мрачни чоколади за една другарка и откако ја објавила онлајн, наредниот ден имала 50 мејлови со нарачки.

За Меган Гилер, авторката на Bean-to-Bar: America’s Craft Chocolate Revolution, изборот да се купи „мрачно благо наместо ведра кутија бонбони” покажува дека луѓето си играат со очекувањата и на празникот и на родовите улоги.

„Чоколадните бонбони долго се асоцираат со жени, од нивната форма (округли, обли и убави) до традицијата мажите да им даваат чоколади на жените како романтичен подарок. Овој нов тренд извртува барем една од тие асоцијации наопаку.”

Друга продавница за чоколадо во Њујорк има отворено и нарачки за нивниот морничаво живописен чоколаден череп со име „Љубовта е мртва”, кој прв пат се појави во 2017-та. Скенирале човечки череп и со 3Д принтер направиле калапи. Сопственичката размислува слично како Конја.

„Ми се допаѓа ова особено на Св. Валентин, затоа што ми се смачи од срциња и розево,” вели таа. „И секогаш тврдам дека не е секоја љубов иста, дека овој ден на некои луѓе им е и тежок и дека е забавно да се слави можеби и анти-љубов или крај на некоја љубов.”

Често гледа жени што го купуваат черепот за другарки, желни за нешто забавно, но помалку поврзано со традиционалните активности за тој ден.

Значењето на Св. Валентин и самото се менувало низ вековите. Иако е тешко да се каже како е почнато, историјата алудира на паганско и насилно потекло, сосе погубувања за време на Римското царство. Во време на Чосер и Шекспир добива романтична нота, а во 1913-та Халмарк почнува со романтични честитки. Со оглед на сето ова, излегува дека да јадеш чоколадо со путер од кикирики во форма на ковчег е почитување и на мрачните корени на празникот и плус е бунтување против корпоративното присвојување.

Конја не е толку сигурна дали популарноста на нејзините чоколади кои се распродадоа неколку дена пред Св. Валентин најдобро се објаснува со мрачниот хумор на општеството, или со нејзината готска и веганска клиентела. Какво и да е објаснувањето, таа верува дека „Фатално твој-а” се продава одлично, „затоа што производот го препознава страдањето, хуморот и мрачната страна на љубовта.”

Апдејт, 2020: Новата (распродадена) бонбониера изгледа вака.

14 февруари 2018 - 11:19