Како беше апсен и на колку осуден Дилавер Бојку

Една прастара аналогна колумна која нè враќа во времето кога публиката читаше како Бојку го судеа, Ѓинѓиќ го утепаа, а ние се натегавме како да ја покажеме вистинската правоверност кон НАТО. Од тие времиња жив е само олошот и чудесната верба во НАТО. Дилавер не е, а и за публиката не сме баш сигурни.

КОЈ Е ОВДЕ ГАЗДА?

Да де, Балканот не е мртов. Само што темата со мртовците никако да не олабави. Видете, седнав да пишувам извештај од Трендоленд во моментите кога душата на Ѓинѓиќ со крупни реформски чекори тргнала кон српските вечни ловишта. Греота човек. Да му се невиди, веста за ова белградско убиство целосно ме испретумба, впрочем како што тоа обично ми го прават и сите останати вести со вака глупав епилог. Никако да се навикнам на тоа смртта какошто тоа го умееа моите херои од семејството Топаловиќ. Тие одамна го препознаа главниот бизнис модел на Балканот: „Сè може да пропадне, само смртта е сигурна работа”. Мојата ненавикнатост на смртта, мора да признаам, е вистинска срамота – побогу, па три и кусур децении живеам овде! Хмм, живеам... јак ти е тој живот кој главно ќе ти се сведе на регистрирање на смртта околу него.

Добро, вакви работи можат да се случат и на други места. Ете, и на Шведска едно време и се случи Улоф Палме. Ама тоа беше еднаш, овде тоа се случува нон стоп. Викендот ќе ти мине со Мултигруп, неделата со Ѓинѓиќ, за следниот викенд веројатно има нови изненадувања... Ќутете, не ми ги кажувајте, да не ми го расипете филингот... Олошот од нашите балкански маала толку се накурчил што секојдевно ни покажува кој е овде газда. Олошот казнува брзо, ефикасно и сурово. Државите или кој и да е во нив кој си умислува дека има некаква власт е смешка во однос на него.

Слобо направи пичвајз наоколу и е казнет со тоа што сега нема интернет. Ѓинѓиќ го упуцаа на улица како куче. Па сега човек нека направи есап.

Или да позборуваме за кај нас: гледајте како заврши Дилавер фром Велешта. Шест месеци, човече, колку жестоко го репнаа! Мамата му ја расплака онаа божица на правдата! Шест месеци, таман колку да му е незгодно на неговиот адвокат воопшто да ја обжалува казната. А каква бука ни кренаа околу типот. Дописниците од регионот се натпреваруваа кој помрсен етитет ќе му залепи. По некое време постигнаа консензус па не можеше да се случи да му го спомнат името без претходно да не му ја кажат титулата: балканскиот макро бос... Уху, ама тоа ебежливо звучи! Додуша, според онаа негова фотографија со која се илустрираа восхитените извештаи за апсењето, попрецизно ќе беше човекот да го нарекуваат: балканскиот макро нос.

Туку, ги помните ли сите нијанси од сторијата за Леку? Те полицијата со влегувањето во неговото село покажала дека ја контролира целата територија и дека не постои парче земја на која криминалците ќе бидат раат... те во апсењето учествувале и полицајци Албанци што е индикатор дека таа етничка заедница почнувала да ги чувствува државните институции како свои... те локалното население целосно ја поддржало акцијата на полицијата, а луѓето притоа дури и помагале затоа што сфатиле дека полицијата е дојдена за нивно добро и дека сака да им тргне една голема беља од врат...

Епилог: Шест месеци, молиќу лепо!

Таман колку што се служи војска деновиве. А нема да биде чудно ако за Дилавер попат се најде и некое скратување на воениот рок. Ајде сега кој ќе ни ги врати сите оние денови во кои не убедуваа дека со апсењето на Дилавер е завршена голема работа? А ние па како јунци се радувавме што, ете, конечно тргнала работата. И онака 10 години сите ја тупат за тој типот од Велешта, овие новиве барем му доакаа. Што е уште поинтересно, кој ќе им се најде на оние луѓе од Велешта кои и помагале на полицијата затоа што „сфатиле дека таа е дојдена за нивно добро...” кога за некој месец, Дилавер ќе се врати во Велешта, онака, полн со себе, и ќе почне да им поставува незгодни прашања: „Ооо, здраво комшија! Како си деновиве? Кога ќе имаш време јас и ти да се видиме онака на само, домаќински?”

Пих! А денот ми почна фино, како и секогаш. Стануваш, шмркаш кафе за да го испудиш сонот, конташ дека болјерот ноќеска ти се расипал од само нему разбирливи причини, па малку мезиш весници, купуваш доручек и конечно решаваш да напишеш домашно, спремен да го посветиш на некоја фина блазирана тема од типот: улогата на пролетната депресија во изборот на бојата на плочките за во купатило. Или пак да испердашиш пар водителки, емисии, реклами или нешто слично на тоа, колку да дадеш до знаење дека ако не ги спомнуваш во секој текст, тоа не значи дека во меѓувреме нешто се подобриле и дека сега нешто страшно „ги бива”.

Мислам, ќе пишував за што било, само да не се навлечам на оној шконтарски муабет околу Ирак. Јој, во какви сè правци забегаа таа тема. Фрчко и Мацко Ѓуровски полемизираат околу интригите... Героски ни кажува каде треба да се вее нашето знаме и брилијантно заклучува дека ако сега им дадеме поддршка на Американците, после ќе сме имале право да им плеснеме во лице дека досега не биле баш фер со нас (ух, каква поента!)... Боро по амерички почна да ја држи раката на срце дури и тогаш кога никој не свири химна. Башка, спремен е на САД да им ја понуди и цела македонска војска ако треба, факт на кој – според резултатите од последните тестирања на нашата армија од пред две години – можат да му се радуваат само Ирачаните... Владата уште нема став по прашањето за Ирак пошто најверојатно уште го градат ставот за американската интервенција во Виетнам. Додуша, приглупо е да го поддржат Буш помалиот оти неговата политичка кариера ептен некако се коси со нивните принципи против непотизмот...

Ви велам, таман да се зафатам со бојата на плочките во купатило и натенане да ви прикажувам за улогата на дебелината на фугата во таложењето на бигорот од тврдата скопска вода... кога ме збрчи онаа вест за убиството на Ѓинѓиќ. И како што гледате, целосно ме испретумба. И ете, напишав домашно. И ете, некако не ми е мерак...

Трендо

15 август 2017 - 09:09