Отворено писмо:

50 нијанси ФДУ

Се вртам кон останатите обескартени кои како со стрела прободени спуштаат поглед, стандарна глетка за нашиот менталитет. Кај нас стана пракса да си тотално океј кога ништо не е океј, ама пак јас океј сум дека мене тоа не ми е океј.

Во петокот вечер, Факултетот за Драмски Уметности наполни 50 години. Солидна бројка, значаен јубилеј за една уметничка академија. Над 650 дипломирани студенти, луѓе кои ја создавале културата, бројни писатели, филмски и театарски режисери, монтажери, кинематографери, актери, без чиј творечки опус Македонија не би била истата.

Јас сум  дипломиран студент на отсекот драматургија и филмско и ТВ сценарио,  (1998 -2002гдина), во класата на професор Русомир Богдановски. Да бидеш студент на оваа академија беше вистинска чест. Тоа значеше гледање безброј филмови, одење на претстави, многу учење, дружење, верба и љубов.

Верувам дека колегите од ФДУ, секој од свој агол, би имале да додадат или одземат нешто на мојава приказна околу тоа што нам ни значи/значеше таа академија. Арно ама, на оние кои беа во „организација” на “прославата”,  пеесет години јубилеј, очигледно не им требаше, ниту да ги чујат, ниту да ги видат своите студенти на овој настан, па така решија дека воопшто не е потребно да ги поканат, дека е претешко да ги искомуницираат преку мејл или, не дај Боже, телефонски, и да ги информираат за оваа значајна прослава, оти нели, имаа само една година за организирање. Веројатно сметаа дека е доволно да постираат информација во некоја неформална Фејсбук група на бивши и сегашни студенти, дека има прослава и дека треба да се потврди присуството на неа.

И ќе си речеш, па добро де, океј е.

Е, излегува дека групава дузина ниту ја виделе, ниту знаат за прославата, ниту пак им се чини нормално да бидат поканети на таков начин. Јас пак решавам да одам и тргам во втора фаза исполнување на упатството за да го пријавам моето присуство, овојпат од објавата дознавајќи дека треба да се обратам во мојата матична куќа. Се прашувам, а што е со оние кои не се вработени во ниедна инстутиција? Каде да се пријават? Ама читам во објавата дека треба сами да се пријават на мејл.

А-ха, океј.

Си велам,  сигурно знаат што прават, ај да се обратам во мојата матична куќа. А таму, на прашањето каде да го потврдам присуството, останувам без одговор три дена. Повторно им се обраќам на денот на прославата. Не сме ние надлежни, види тоа со ФДУ, ама и доцна е веќе за пријавување, списоците се затворени?!?

Така ми рекоа. Вау!

И одговарам на матичната куќа, да му пренесе на ФДУ дека јас секако одам на прослава, можат да бидат затворени списоците, што и да значи тоа, јас секако планирам да влезам низ отворена врата. Овде веќе решавам да се обратам до неформалната група во која нели е објавата за прослава. Да скратам, прашав зошто треба како студент да лансирам ракета за да дојдам на прослава наменета за мене? Одговор не добив. Може нивната Фејсбук страна е за сами да гледаат кога објавуваат, а за друго се слепи. Нејсе. Решив да одам. Ако јас не сум си карта, оти таму студирав, тогаш стварно нешто чкрипи.

И така. Петок. Осум часот. МНТ. Луѓе влегуваат. Ние шеесетина преостанати се шуткаме. Стојам со двајца колеги со кои си разговараме за очајната организација. Се присетуваме како беше за четиресет години јубилеј на ФДУ. Сите телефонски поканети месец дена претходно, сите испочитувани. Очигледно десет години подоцна, ние сме станале небитни, бидејќи еве некои непознати ликови, имаат карти и се многу битни да присуствуват. Им велам на момциве, ајде да видиме како да го решиме ова со картиве.

На врата, човекот кој секогаш знаел што и како со сите нас студентите, сега, кога му кажувм дека немам карта, крева раменици, па ме фаќа под рака и ме остава пред три лика, пред кои има три коњопои со карти.

Еве ги одговорните, ми вели.

Пред мене жена што ја препознавам по лик, не и по дело. Мислам дека ми е колешка, иако ништо немам прочитано од неа. Вториот лик не го познавам.Третиот е новинар и писател, нема завршено на ФДУ. Го познавам, учествувавме и бевме наградени на ист конкурс за драмски текст. Океј, им велам, што ќе правиме? Немам карта, иако дадов сè од себе да стигнам до неа. Женава ме гледа и ми вели, ама па требаше да резервираш, да потврдиш, да подигнеш, да бла, бла, бла. Велам, сето тоа е во ред,  иако сето тоа не е во ред, бидејќи направив сè за да добијам карта, но не ја добив. Превртува со очи, па ми објаснува дека мора да почекаме да дојдат овие со карти,  па ќе виделе што со нас останатите, почекај на страна, ми вели.

Да бидам фина, така се убедувам, иако одамна сето ова престана да биде фино. Отстапувам во име на духот и големината на денот. Уредно чекам до 8 и 15. Беспредметно е воопшто било кој да се чека, оти претставата требаше да почне во осум, па повторно им приоѓам и прашувам до кога ќе чекаме и зошто воопшто треба да чекаме? Жената се забезекнува од мојата упорна ,,безобразност”. Ме прекорува, вели, ете така излегло, нема одговор зошто не сме поканети, нема објаснување ни како тоа немале ни телефони, ни мејлови, нема одговор на ништо, ама знае дека треба да почекам. До кога?  8 и 15 е. Таа се вџашува и почнува да паничи дека било толку доцна.

Се вртам кон останатите обескартени кои како со стрела прободени спуштаат поглед, стандарна глетка за нашиот менталитет. Кај нас стана пракса да си тотално океј кога ништо не е океј, ама пак јас океј сум дека мене тоа не ми е океј.

Се вртам кон тројката со карти и гледам во истиот оној новинар/писател со кој делиме награда, па го прашувам дали не му е срам и дали навистина не знае која сум. Врти глава, набива поглед в земја. Срам ми е Благица, едвај изговара.

И мене ми е срам колега, затоа и пишувам за срамов.

Го земам првото плико што ми доаѓа до рака, а не е наменето за мене. Се сместувам на „туѓото” седиште. До мене две драги лица за промена. Во неврзан разговор, го чекаме почетокот на почетокот на престставата.

Излегува млад дечко (актер, чинам) кој честита јубилеј. Воедно го отвора и студентскиот фестивал „Скомрахи“. Во неговиот говор уште во третата реченица мора да стои Северна, ама тој тип на полтронско себеплукање не е сега темата. Потоа ги исмева Французите, кои се откажале од гостувањето, правејќи некаква политичка смешка на нивна сметка, во контекст на актуелното „не“ кое Франција ѝ го кажа на Македонија, што е крајно неумесно, имајќи предвид дека тука се присутни и други гости кои можат да стекнат впечаток дека утре нив ќе ги оговараме ако не дојдат. Нејсе, следува просечен и површен состав на тема историјат на ФДУ, кој завршува со плачење дека државата не го сака факултетот зашто не му ја предава новата зграда, ама пак веруваат дека државата сепак ќе ги засака. Потоа говори ректорот, општа и куртоазна честитка и конечно почнува претставата.

Две мали дечињана на празна сцена, се вљубуваат низ детска игра, во која месечината, како метафора за сонот или младешка занесеност, се претвора во Чарли Чаплин. Следува неколкуминутен колаж, исечоци од негови филмови. Потоа гледаме патување низ историјата на театарот, од антика, до денес, поделен во етиди, а сето тоа прикажано низ доминатен танцов јазик, изведен од наши актери од повеќе генерации. Секоја чест на колегите актери кои сите до еден беа до совршенство уиграни во изведувањето на масовните кореографски сцени. Секоја чест и на Кери која била и ќе остане еден од најпосветените професори на тој факултет, за сиот труд во кој успеала да координира и синхронизира огромен број актери.

Но прашањето  што ние неколкумина си го поставивме гласи, каква врска има сето ова со ФДУ? Да не сме станале во меѓувреме академија за танц? Каде се филмовите? Каде се драмите? Каде е сето она што го имаме создадено во овие педесет години? Зошто годината не беше искористена да се организира овој многу значаен јубилеј на соодветен начин?  Зошто наместо да ја раскажуваме историјата на театарот, не ја раскажавме историјата на Факултетот за драмски уметности? Зошто не си ги видовме корените? Зошто не видовме кои се основополжниците,  кои сè професори го пренеле своето знаење,  кои асистенти биле дел од приказната на ФДУ? Зошто не беше даден соодветен простор на секој од нас како дел од таа академија?

Не велам дека не треба да има сценско изведувачки дел. Но, не е прикладно што не ни дозволија на Кери да ѝ помогнавме сите, со што можевме да придонесеме да биде и подлабоко, и пошироко, и повеќеслојно.

Не знам на што се должи лошата организација и кој стои позади неа.

Ама знам дека знаењето не се плаши да се развива, да се менува, да биде отворено, да соработува, да зближува, да отвара затворени врати. Знаењето не дели, не калкулира, не шпекулира. Знаењето не мрази, не е самобендисано, знаењето си знае и род и ред и крв и корен. Знаењето не мисли дека сè знае и дека од него сè почнува.

Знаењето прифаќа различно мислење. Знаењето не се плаши од конкуренција. Знаењето не е непријател. Знаењето не крви, одродува, раскарува.

Сè друго е незнаење. И не е грев да не знаеш, ама во најмала рака глупост е да се правиш дека сè знаеш и дека освен тебе ништо друго не значи и не постои и дека од тебе и со тебе, сè почнува и завршува – слепа улица е тоа.

Ние сме овде да соработуваме, да создаваме, за да остане и по нас белег дека барем спомен на минато сме сочувале.

Се надевам дека ум ќе ни донесе оваа „пееска“ и дека сме доволно доблесни барем да се слушнеме, па и да не се сложиме, да прифатиме дека постои повеќе од едно мислење.

Колеги, се гледаме во кино и театар, и ако може сите живи, здрави и попаметни на следниот јубилеј да се собереме.

Среќен ни роденден, среќен ти роденден ФДУ, ти тегнам уши, ти си еден од најзначајните темели во мојот живот.

Благица Секулоска

*****

Чисто за референца: Секулоска е два пати наградена на Чернодрински за најдобар драмски автор.  За „Безљубни", поставена во Драмски и за „Трудна приказна" во Театар комедија. Претстави кои имаат добиени и две интернационални награди а кои, иако гледани, без „објаснување" беа симнати од репертоар.

6 ноември 2019 - 14:03