Орифлеим се оградува од "Мис Бавча"

Со допис до нашата редакција, компанијата Орифлеим демантира дека има каква било врска со шармантната манифестација "Мис Бавча" на чиј плакат се наведени без дозвола и со старо лого. Искажуваат незадоволство, резигнирани се и нормално, спомнуваат судови. Ах, што сакаме така....

повод:

На чекор сме до "Мис Лопата"
----------------------------------------

-----------------------

одговор од уредникот:

Почитувани,

Во интерес на вистината и убавината, со задоволство го објавуваме Вашето писмо без никакви козметички измени. Со тоа ја исполнуваме нашата човечка, професионална и законска обврска кон Вас.

Сега на цел свет му е јасно дека Орифлеим одговорно тврди дека нема никаква врска со "Мис бавча".

На цел свет му е јасно и дека победничките на "Мис Бавча" од Вас најверојатно нема да добијат помади за негување стопала и петици, за што ни е посебно жал, бидејќи тоа би бил крајно симпатичен потег.

Истовремено, веруваме дека во Вашата компанија нема "некој што им се бави со маркетинг. И е убеден дека е цар за водење на брендот...." бидејќи цел тој дел со спонзорството јасно го демантиравте.

А да имавте таков човек, по наше, ќе дадевте некоја помада.

Но, сè друго ни е нејасно. Што всушност барате од нас, што да отстраниме?

Ако е тоа фотографијата, да се разбереме: неа не сме ја земале од нечија приватна архива, туку се работи за стандарден, јавно објавен маркетиншки материјал, од типот постер. Отпечатен и обелоденет којзнае во колкав тираж.

Очекувате од нас да одиме по бандери и излози и да "отстрануваме"? Па нокти ќе испокршиме, веѓи ќе ни се свијат кораво, па немојте така!

Да ви предложам јас нешто добронамерно: А да се разберете Вие околу тоа со оној кој ви го злоупотребил името и логото, оној кој без согласност ве печател на постери и објавувал на јавни места? Или навистина планирате да се занимавате со десетици и стотици извори на интернет на кои овој постер е пренесен?

Со среќа ако е така, иако, да речеме, на Северина тоа не ѝ успеа. 

Како вие замислувате претходно да сме провериле податоци од некој постер? Мислите дека за објавување реклама за мастики за џвакање, ние како медиум сме должни претходно лабораториски да го провериме тврдењето дека ја регулираат Пе Ха вредноста во устата?

Некој ви згрешил, средете со него, убедени сме дека сте во право. Aко сте за на суд баш со нас, ќе ви ја пружиме сета наша медиумска поддршка за тој процес. А во судница лесно ќе не познаете, бидејќи планираме да доаѓаме со маска за лице на база на краставици, крајно нерезигнирани и недепилирани.

handsome son of a bitch,
Трендо

21 септември 2012 - 21:45