#антропологија

Зошто постираме?

Глобален антрополошки истражувачки проект за употребата и последиците на социјалните мрежи, чии наоди се често спротивни на стереотипните демонизирања на овие алатки.

Кога зборуваме за социјалните мрежи мислиме на Фејсбук, Инстаграм, Твитер... Но ова се само платформи - социјалните медиуми ги сочинува (и) огромната содржина која ја произведуваме користејќи ги овие алатки. Тоа се постови, мемиња и селфиња, но истовремено и начини на комуницирање, сакање, раскинување, расправање. Обвинети се за поттикнување нарцисоидност, за користење приватни податоци за комерцијални и други цели, за твиријализирање на човечките односи, дефокусирање. Но дали сосема истите објаснувања важат и за еден фабрички работник од Кина, и за еден компјутерџија од Индија? Дали една девојка од рурална Турција ги користи мрежите на ист начин како и студент од Италија? Вистинска тема за антрополошко истражување.

Во едно такво, под име „Зошто постираме“, девет антрополози, раководени од Даниел Милер од Универзитетскиот колеџ во Лондон, работеле независно во тек на 15 месеци на локации во Бразил, Британија, Чиле, Кина (една селска и една индустриска средина), Индија, Италија, Тринидад и Тобаго и Турција. Тие не ги анализирале (само) јавните постови на луѓето-субјекти на студијата, туку го поминале спомнатиот период во секојдневна интеракција во живо со нив, за да разберат каков е односот на овие луѓе кон комуникацијата со светот преку социјалните мрежи, каква е врската помеѓу нивниот реален или замислен идентитет и оној кој го проектираат онлајн, какво е влијанието на социјалните, семејните и другите околности врз содржината на нивните постови и колкав дел зазема ваквиот тип комуникација во нивниот секојдневен живот.

Сите резултати („откритија“), 15 на број, се постирани и објаснети на сајтот на проектот, кој заврши во 2016. Некои од нив се идентични на емпириските искуства со социјалните мрежи на повеќето од нас. Но други се сосема спротивни на стереотипното демонизирање. Еве некои од нив:

- Социјалните медиуми НЕ нè прават поизолирани и посебични
Напротив, студијата открила дека на истражуваните локации социјалните мрежи се користат за да ги зајакнат традиционалните групи, како семејство или каста, и да ги пополнат празнините предизвикани од миграцијата и мобилноста

- Социјалните медиуми имаат големо влијание врз родовите улоги
Ова особено важи во крајно конзервативни општества, каде социјалните мрежи им овозможуваат на младите мажи и жени да воспостават и да одржат директни контакти. Понекогаш, преку користење лажни профили, можно е учество во активности кои инаку се сметаат за „срамни“ (на пример девојка од внатрешноста на Турција која користи анонимен акаунт за да ја промовира својата музика)

- Социјалните мрежи не се сметаат секаде за начин на дефокусирање од „вистинското“ образование.

Тие СЕ образование и извор на релевантни информации. На пример во побогатите кругови во Индија на нив се гледа со сомневање, но посиромашните ги користат како дополнителен извор на образование кое често кубури со ресурси.

Ова се само некои од наодите на „Зошто постираме“, кои ја ставаат под прашање идејата дека користењето на социјалните мрежи следи една единствена и предвидлива шема во различни култури. Најважно, социјалните мрежи не ги прават луѓето помалку луѓе, туку (како што добро го знаеме) само го исфрлува на површина она што е латентно во нив/нас.

Повеќе за проектот (онлајн курс, изданија и видеа од локациите) тука

10 ноември 2017 - 09:00