Зошто Казахстан преминува на латиница?

Во октомври оваа година казахстанскиот претседател Нурсултан Нарзабајев со указот број 569 донесе одлука до 2018 во училиштата да се воведе проширена верзија на латиницата, а целосна транзиција на целата земја кон абецедата да се изврши до 2025.

Кириличното писмо кое во моментов се користи од страна на Казаците има 42 симболи (33 произлезени од руската азбука и девет дополнителни казачки гласови). Со оглед на тоа што латиницата содржи само 26 букви, при преминот кон латиница ќе мора да се додадат дополнителни симболи, на пример апострофи кои ќе го прошират бројот на букви на 32. Така, официјалното име на земјата Қазақстан Республикасы ќе се пишува Qazaqstan Respy’blikasy.

Ваквиот потег се толкува како обид за политичко и културолошко дистанцирање од Русија. Поранешната советска република, богата со нафта, со 18 милиони жители, има блиски врски со Москва, главниот трговски партнер, но стравува од руските амбиции за наметнување на влијание во регионот.

Казачкиот, кој спаѓа во турската група јазици, до 1920 се пишувал со арапско писмо, пред СССР на кратко да ја воведе латиницата. Третата промена се случила во 1940, со премин на кирилица, базирана на онаа руската.

Но горното политички обоено толкување сепак е само едно од поголем број причини за сегашното вртење кон абецедата. Втора е модерната технологија - казачката кирилична азбука со своите 42 знака е прекомплицирана за употреба на дигитални уреди. За илустрација, стандардната казачка тастатура за пишување букви ги користи и речиси сите типки со бројки.

Иако казачкиот е државен јазик од моментот кога Казахстан стана независен во 1991, според пописот од 2009 само 62% од населението се изјаснило дека течно зборува и пишува казачки. Рускиот е пораширен - 85% од луѓето велат дека одлично го познаваат, а рускиот е и втор официјален јазик во Казахстан. Неколку други јазици од поранешниот СССР кои спаѓаат во турската група, како азербејџански и узбечки, исто така имаат преминато на латиница.

5 декември 2017 - 15:12