Зошто Јутјуб блокира видеа со класична музика?

Германски наставник по музичко со благородни намери почнал да качува серија видеа кои содржеле дела на композитори умрени пред стотици години за да им послужат на неговите ученици. Но тие на алгоритмите на јутјуб им зазвучело некако фалш. 

Урлих Кајзер, наставник по музичко во државно школо во Германија, кој се залага и придонесува за отворени онлајн образовни ресурси, неодамна почнал да ги дигитализира сопствените плочи и музички снимки и да ги објавува онлајн. Според германските, односно европските закони, авторските права за дела создадени пред 1 јануари 1963 се истечени, што значи дека влегле во јавен домен. Оние направени по овој датум добија продолжена заштита во 2013, и оттаму не можат да бидат дигитализирани.

Свесен за ова правило, тој качил снимки направени пред 1963, а кои требало да послужат во неговата настава, како и онаа на негови колеги низ целиот свет. Снимките ги качувал и на Јутјуб, на канал поврзан со сајтот за отворени ресурси.

Првото видео кое го постирал онлајн едноставно ги објаснува неговите напори да обезбеди дигитализирани копии на снимки кои се во јавен домен за студентите, со нешто музика во позадината. Но само три минути откако го постирал, системот на јутјуб наречен Content ID system го означил постот како нарушување на авторските права - иако такви права не постојат.

Кајзер тогаш одлучил подетално да го тестира системот. Отворил посебен јутјуб профил за оваа намена и почнал да споделува дополнителни примери на музика чии авторски права се истечени. Многу бргу почнал да добива нотификации за музика од Барток, Шуберт, Пучини и Вагнер. Одамна починати композитори, чија музика е во јавен домен.

Иако спомнатиот систем на Гугл е резултат на повеќе од 100 милиони долари и безброј работни часови, Кајзер сфатил дека тој е неспособен да разликува музика со и без авторски права, барем што се однесува до класиката. Така почнал процес на убедување и преписки со Гугл кој воопшто не одел мазно. Системите за поддршка на Гугл преку кои е овозможено човек да се жали ако нешто му е симнато од интернет не функционирале како што треба, а откако по голем напор некои од видеата му биле вратени, доколку биле споделени повторно биле бришани од другите акаунти.

Ова е само уште една илустрација за апсурдноста на системот за филтрирање на јутјуб. Уште покомичен пример е оној кога друг професор аплоудирал десетчасовно видео на „бела врева“ (она шушкањето ко на стари телевизори) и добил ПЕТ ОПОМЕНИ за нарушување на авторски права.

Со оглед на тоа што во Контент ај-ди системот постојат над 75 милиони аудио и визуелни референци, проценката на статусот со авторските права на секое поединечно дело е логистички предизвик. Алгоритамското споредување е непрецизно, па оттаму се оди на тоа филтрирањето да биде построго, па макар одело фира  и нешто што не треба. Ова особено важи за оркестарските дела на класичната музика, кои често немаат (од алгоритамски аспект) големи варијации. Работите, барем во Европа, наскоро и дополнително ќе се комплицираат доколку се усвои новата директива на ЕУ за авторски права (тука), што подразбира дека она што системот на јутјуб го прави на јутјуб, наскоро може да важи за целиот интернет.

7 септември 2018 - 09:53