Жената-истражувач на мозоците на ментално болните која полуде

Во нова книга Барбара Липска опишува како го преживеала ракот кој се проширил до мозокот, и како болеста ѝ го променила и начинот на мислење, и карактерот, но и природата на менталните болести кои самата ги истражува.

Една пролет во 2015 Барбара Липска станала, си ја офарбала косата, и тргнала да џогира во нејзината приградска населба во Вирџинија. Но кога се вратила по долго време, нејзиниот сопруг Мирек се извадил од памет. Таа долго време талкала загубена во сопственото маало, а фарбата која ја имала ставено на косата ѝ се слевала по вратот. „Изгледав како чудовиште“, се сеќава таа, иако во тој момент немала чувство дека се случува нешто необично.

Липска ја проучува невролошката позадина на менталните болести и развојот на мозокот во Националниот институт за ментално здравје на САД. Во нејзините истражувања таа се има фокусирано на молекуларната структура на мозоците на луѓето со шизофренија или други нарушувања, кои довеле до тоа тие да си ги одземат животите.

За време на два месеца во таа 2015-та, таа била ставена во ситуација лично да се соочи со сета мака со која секојдневно и многу подолго од неа се соочуваат оние чии мозоци ги проучувала во безбедните лабораториски услови.

Сега таа, заедно со новинарката Елејн МекАрдл, објави книга за нејзината болест и излекување, под наслов „Невронаучникот кој си го загуби умот: мојата приказна за лудилото и опоравувањето“.

Во интервју за NPR Липска вели дека во тоа време не била свесна дека во мозокот ѝ растат тумори, и тоа 20 на број. Поради ова загубила чувство за „правилно“ однесување - сите инхибиции, воздржувања од викање на домашните, самоповредување. Од сето ова како невронаучник научила, или поточно, од внатре сфатила една значајна лекција - дека менталната болест е болест на мозокот. Не е работа на недостаток на волја или за тоа дека некој треба да направи вистински избор. Нема врска со тоа како сте пораснати и колку сте биле среќни како деца. „Тоа е болест и треба да се третира како и секоја друга, како болест на срце, бубрези или џигер“.

За жал таа не може да знае што точно ѝ помогнало во надминувањеот на болеста, затоа што ѝ биле правени толку тремани (имунотерапија, радијација, лекарства) што на крај не се знае дали ефектот бил постигнат со нивно комбинирање или со само едното од нив. Во моментов се чувствува добро, иако понекогаш е просторно дезориентирана. „Но, знаете што? Жива сум. И среќна“, вели таа.

18 април 2018 - 17:57