Невронаука за мераклии

Воздржувањето е добро, и може да се тренира

Карактерот не е судбина, па и ако некој по природa е нестрплив, импулсивен и невоздржан не значи дека му нема чаре. И не (само) затоа што мора тоа да го стори, човек може да се обучи да биде умерен за свое добро, и за добро на заедницата.

Умереноста според Платон е една од доблестите на секој поединец, но и на идеалната држава во целина. Во религијата на Сиките пак, меѓу клучните елементи на практикување на верата е носење на „качера“, специјално дизајнирани „боксерки“ со врвка која се опашува околу појасот за мажи и жени, кои би требало да бидат потсетник на секој верник дека на другите не треба да гледа како на објекти на страст.

Всушност, сите поголеми верски и филозофски традиции ја акцентираат важноста на воздржувањето како пат кон доблесен и исполнет живот. Контролата на нагоните и на импулсивноста има „логика“ и историски и еволутивно - победата над деструктивните пориви и одложувањето на задоволството го прави животот полесен на долги стази. Тогаш, што ни кажува модерната невронаука, кои се најдобрите начини да се издржи под притисокот на неодложноста?

Долното видео оригинално продуцирано од Аеон е инспирирано од работата на американскиот невронаучник Дејвид Иглман и психологот Волтер Мишел, и ги истражува најдобрите стратегии за пружање отпор на оние нешта - мали и големи - за кои знаеме дека се лоши за нас, ама кои се истовремено и тооолку слатки.

Клучен збор во него: подготовка. Секој со својот јарбол, восок во ушите и куп јажиња, како Одисеј, кога знаел дека сирените сигурно ќе го заведат. Иако понекогаш, на „нервна база“, едноставно мораш да го лапнеш колачето пред тебе.

12 јули 2018 - 23:32