А во двете е вистината

Во виното е книгата

Италијанската винарија Мате Кореџа и дизајнерската агенција Риверс Иновејшн се здружиле во проект кој ветува „средба помеѓу одлично вино и задоволство од читањето“.

Либротиља, кованица од италијанските зборови за „книга“ и „шише“, се состои од три различни вина „спарени“ со три различни приказни. Тие треба да обезбедат „ено-книжевно доживување кое се базира на своршена рамнотежа на сетилните импресии од виното и замислените сценарија на приказните“.

Според по малку иронична забелешка на Индипендент, ова изгледа како прилично добра идеја, додека не помислите дека и не е така тешко едноставно да држите книга во една рака, а чаша вино во друга. Коментаторот на овој весник со радост очекува нов проект - ќесички трева кои се продаваат залепени на ДВД-иња со (на пример) „Биг Лебовски“.

Еве за што се работи во трите „вински“ книгички:

Првата приказна, „Убиство“ е на новинарот и сатиричар Данило Занели, мистерија помешана со хумор, која треба да ја отслика свежата и светла нота на белото вино Роеро Арнеис.

Пејачката и писателка Патриција Лакуидара е авторката на „Жаба во стомакот“, интригантна приказна која треба да го придружува црвениот Антос, суво вино со изненадувачко слатко буке.

„Те сакам. Заборави ме“ на Регина Маркес Надаес е приказна за љубов која го менува животот, и оди со интензивно вино Небиоло роеро.

Во моментов комбинацијата може да се купи само во Италија и на италијански, но доколку проектот се покаже успешен се планира и англиска верзија.

17 ноември 2016 - 17:10