Во чест на заборавањето

„Сеќавање на ова“, „да не се заборави она“... Нашиот вообичаен став кон заборавањето е негативен - се плашиме од секојдневна расеаност, а спомнувањето на Алцхајмер нè ужаснува. Но што ако една пристојна мерка на колективен заборав е нужен предуслов за мирно и толерантно општество, а постојаното потсетување е политички, општествен и морален ризик?

Во неговата книга од 2016 под наслов „Во чест на заборавањето: историската меморија и нејзините иронии“, Дејвид Риф, инаку син на славната Сузан Зонтаг, го истражува филозофскиот аргумент во корист на делумната колективна амнезија, повикувајќи се на примери од историјата на САД, Аргентина, Шпанија, Германија, Босна, Израел и Ирска.

Тој не промовира целосна цензура на минатото, туку стратешки заборав, една мала но важна разлика помеѓу историјата и колективната меморија. Истовремено ја става под знак прашање до сега непобитната вистина дека „Оние кои не се сеќаваат на минатото се осудени да го повторат“, која не само што подразбира морална обврска за сеќавање, туку самата меморија ја третира како да е антидот на идните ужаси.

Но, како што објаснува авторот во интервју за Слејт, постојат бројни примери кои се контрадикторни на ова тврдење, кое според него држи вода кога е во прашање моралноста на сеќавањето на жртвите, но не и она второто, дека може да спречи идни настани. Масовното убиство на Евреите во Европа во 1940-тите не ги спречи Црвените Кмери да убијат милион луѓе во Камбоџа, не влијаеше врз геноцидот во Руанда, ниту пак она што денес се случува во Сирија. Ваквиот начин на мислење е повеќе масовно посакување, кое само по себе би требало да доведе до позитивен резултат, без реална интервенција.

Риф бил известувач од војните на Балканот во 1990-тите, и тврди дека инсистирањето на сеќавање и повикувањето на историјата е всушност повторно отварање на раните и конфликтите од минатото. Оние кои биле сведоци и активни учесници во одредени историски настани притоа имаат многу посилен аргумент во корист на вистината отколку оние кои наводно се сеќаваат, а тоа го прават врз основа на некаква квази-митолошка матрица. Колективната меморија всушност не е никаква меморија - тоа е приказна која општеството ја конструира за некаква идеолошка или актуелно политичка цел.

Меморијата би требало да ѝ служи на сегашноста, и таа не би требало да се изедначува со историја. Дури и да претставува историја, таа е прилично поедноставена и редуцирана за да биде поблиску до митот. Оттаму, со нејзиното менаџирање (поттикнување, омекнување, меандрирање) треба да се постапува многу внимателно, за да биде задоволена и потребата за вистина, и неопходноста за иден мир. 

13 ноември 2017 - 08:24