Внимавај на ѕвезди*ката: подемот на еден подзаборавен знак

Веројатно сте го виделе на социјалните мрежи, како начин нешто (лажно) да се прикрие. Но и како ознака на иронија или презир. Стар знак кој добива нови значења.

Социјалните мрежи, а особено Твитер, за добро или за лошо стануваат новите регулатори на изразувањето, а оттаму имплицитно и на мислењето. За оние неупатени во нивните пара-лингвистички механизми некои од изразите кои од социјалните мрежи се прелеваат во „обичниот“ говор може да звучат тотално непознато, како да доаѓаат од друг јазик (на пример: „Х за сиромашни“, „кога ќе нарачаш Y од Али Експрес“ итн.)

Слична е ситуацијата во моментов со подемот на астериксот или ѕвездичката. Нејзиното ставање на местото на некоја навреда, безобразен збор или политичка некоректност во англиското говорно подрачје е познато како „боудлеризација“, од името на Томас Боудлер, лекар од крајот на 18 и почетокот на 19 век, кој уредил „семејно“ издание на Шекспировите драми, во десет тома, кои биле „прочистени“ или поточно цензурирани за да можат, според неговите зборови, „да бидат безбедно ставени во рацете на младите“. Се проценува дека бил променет отприлика 10% од текстот, но „поправките“ не биле само јазични - во Хенри 4-ти е избришан лик на проститутка, а самоубиството на Офелија во Хамлет станува несреќен случај на давење.

Терминот „боудлеризира“ прв пат е регистриран во Оскфордскиот речник на англискиот јазик во 1836, а претходно го употребил Томас Перонет Томсон во своето дело „Вежби, политички и други“. Притоа не се мисли на конкретно означување на спорните места со ѕвездичка, туку воопшто на постапката на прикривање.

Денес правењето на истото со ѕвездичка може да има различни конотации. Можеби да стои среде зборови кои некому не му се допаѓаат или вознемируваат (D*nald Tr*mp e тренд на пишување на името на американскиот претседател на Твитер во знак на протест). Таргет, американската супер-продавница, иронично позната по својата прогресивна политика на родово неутрални тоалети, на својот сајт би боулдризираше насловите на книгите кои ги продава, а го содржат терминот „трансродово“. Така, насловот на книга на Џек Халберстам еден период на сајтот гласеше: „Брз и необичен преглед на родовата варијабилност: јавна дискусија за **** прашања“.

На македонскиот дел од твитерот * не се користи толку често за да се затскријат неподобни зборови (сè стана „подобно“ и дозволено), туку за да се иронизира, најпрвин изнесувајќи став, а потоа со * изнесувајќи таков кој го побива првиот. На пример:

Така * често станува ознака за вистинската состојба на работите, наспроти онаа лажната која не содржи ѕвездичка и изгледа „нор*ално“.

3 ноември 2018 - 12:42