Витгенштајн: „Ќотекот е од рајот излезен“

Австриски филозоф го има напишано неговиот славен „Логичко-филозофски трактат“ во 1918. Тој е прв пат објавен во Германија три години подоцна. Што правел Витгенштајн во меѓувреме? Бил селски учител.

На добар пат наскоро да стане еден од најголемите живи филозофи, Витгенштајн во времето на пишување на „Трактатот“ се чувствувал мизерно, како „морално промашување“. Во еден момент повлекува радикален потез и се откажува од огромното семејно наследство (на почетокот на 20 век татко му поседувал 3% од вкупното богатство на Австро-Унгарија). Ја напушта „Палатата Витгенштајн“ во Виена и се упатува во некое забаталено австриско село, со романтична идеја инспирирана од Толстој, дека таму, помеѓу селаните, ќе наиде на „благородни дивјаци“ на кои ќе може да им ги пренесе неговите широки знаења.

„Ќе бидам учител во основно во мало село по име Тратенбах“, му напишал тој на својот сопствен учител и пријател Бертранд Расел во писмо од 23 октомври 1921. Еден месец подоцна, во друго писмо, тој веќе се сомнева во исправноста на својата постапка, жалејќи се дека „и покрај тоа што сум свесен дека во просек човечките суштества не се вредни, тука тие се посебно бескорисни и неодговорни“.

Па сепак, изгледа дека и покрај ваквиот став Витгенштајн бил одличен наставник. Неверојатно ангажиран, тој со учениците дизајнирал парни локомотиви и објекти, од кои правеле макети; дисецирал животни; испитувал нешта под микроскоп што го имал донесено од Виена; организирал заеднички читања и ноќни гледања на небото, а децата ги носел и во главниот град, каде тие престојувале во школо кое го водела неговата сестра Хермина. Самата таа се сеќава како учениците скокале едни врз други во желба први да одговорат на прашањата на нивниот наставник, а едно особено талентирано меѓу нив добивал и дополнителни часови од Витгенштајн, па дури и понуда за посвојување.

Освен тоа, во време (рурален 20 век во Австрија) Витгенштајн покажал особен осет за родова еднаквост: за разлика од другите наставници тој од девојчињата очекувал да решаваат подеднакво тешки математички проблеми како и машките. И, по истата логика, подеднакво строго физички ги казнувал, доколку погрешно или многу бавно одговарале на прашањата.

Ваквиот од денешен аспект суров третман кулминирал во тн. „инцидент Хајдбауер“ (кој има дури и своја Википедија страница) во кој филозофот толку силно удрил некое 11-годишно дете што ова се онесвестило во текот на часот.

На крај селаните на Тратенбах толку биле огорчени од неговото тиранско однесување, кубење коса и тегнење уши, што тој морал да замине. Кој знае што станало со овие деца потоа, и дали ако тоа воопшто може да се измери, физичките казни долгорочно се исплателе во однос на стекнатото знаење, од еден од најголемите умови на 20 век.

Поврзано:
Букбокс читанка - „Витгенштајновата маша; приказна за десетминутната расправија помеѓу двајца големи филозофи“
50 причини зошто да го сакате Витгенштајн

15 април 2017 - 09:41