Е не,

Важноста на една единствена запирка

Една оксфордска запирка, пред или после некој збор, значи многу кога е во прашање законот. Вака внимателно да беше пишуван уставот на РМ, каде ќе ни беше крајот?

Судски случај во државата Мејн, кој се води заради право на платена прекувремена работа на доставувачи на млеко, всушност не се занимава со камиони, млеко, и пари. Адвокатите и судиите жолчно дискутираат за една - запирка.

Се работи за возачите на локална компанија за производство на млеко и млечни производи, Оукхрст Дејри, кои низ судска постапка се обидуваат да му докажат на работодавачот дека имаат право на спомнатиот надомест. На 13 март апелацискиот суд одредил дека некои од законите кои важат во оваа област во Мејн се граматички двосмислени. Поради ваквата збунка, жалбата на возачите на претходна пресуда од локалниот суд е прифатена и тие имаат право на повторно судење. Ако го добијат случајот, тие нема да бидат единствените победници, туку и оние кои ревносно ја бранат тн. „оксфордска запирка“.

Сериската запирка е уште наречена и „оксфордска“ заради нејзиното промовирање во стилските прирачници на издавачот Оксфорд Јуниверзити прес. Се користи кога се набројуваат три или повеќе елементи во реченицата, на пример во погорната - „камиони, млеко, и пари“. Тука е и клучот за толкување на спомнатата одредба од законот, која ги наведува следниве активности кои НЕ се квалификуваат за надомест за прекувремено:

Конзервирање, обработување, чување, замрзнување, сушење, складирање, пакување за испорака или дистрибуција на:
1. Земјоделски производи;
2. Месо и производи од риба; и
3. Храна која се расипува.

Токму тука, во просторот каде нема запирка помеѓу зборовите „испорака“ и „или“ лежи судбината на случајот. Дали пакувањето (за испорака или дистрибуција) е една единствена активност која е исклучена од прекувременото плаќање? Или се ова две различни активности, при што и двете не се квалификуваат за надомест за прекувремено?

Доколку оние кои го составувале законот употребеле сериска запирка, би било јасно дека дистрибуцијата е посебна активност. Но без неа, пресудил судијата на апелација Дејвид Џ. Барон, законот е двосмислен и не може да се знае дали е така. Оттаму, возачите кои реално само дистрибуираат, но не пакуваат, според вака напишаниот закон имаат право на надомест.

Дебатата околу сериската запирка во англиското говорно подрачје има долга традиција. Некои сметаат дека е многу важна и дека нејзиното отстуство може да доведе до, во најмала рака, смешни реченици, како оваа:

Други пак сметаат дека ваквата запирка е излишна и естетски вознемирувачка.

Но освен ова со запирката, возачите имале и уште една генијална забелешка - сите активности на списокот се во „герунд“ (глаголски именки кои завршуваат со -ње), а „дистрибуција“ не е. Toa според нив е доказ дека овој збор воопшто и не требало да биде на листата, бидејќи е граматички „натрапник“.

Поврзано: Најскапата запирка во историјата

Запирката не ја даваме

17 март 2017 - 11:26