Уметнички семејни врски: најпознатите зет и шура на ренесансата

И сега веројатно си мислите - што ли беше тоа шура? Тоа е она што му бил Белини на Мантења, кој бил женет со сестрата на првиот.

Историјата на уметноста е полна со познати роднини или сопружници: татковци и синови, како Питер Бројгел постариот и помладиот; татковци и ќерки - Орацио и Артемизија Џентилески; маж и жена - Диего Ривера и Фрида Кало итн. Но меѓу најпознатите семејни врски, од типот сватовска, е онаа помеѓу Андреа Мантења и Џовани Белини, едни од најголемите сликари на ренесансата.

Двајцата имале многу различно потекло. Мантења бил син на дрводелец, и како дете ги пасел селските стада овци. Но судбината му се сменила кога еден сликар од Падова по име Скуарционе го посвоил како син и го вработил како помошник. Иако ова било одлично за неговата обука како сликар, во првото од неколкуте судења низ кои минал (во едно од нив бил обвинет за сликање на само осум ангели на црковниот олтар наместо бараните 12), 18-годишниот Мантења го укинал старателството со објаснување дека бил експлоатиран. Продолжил како млад и независен сликар чија вредност наскоро била препознаена.

Од друга страна, Белини бил од уметничко семејство, од високата граѓанска класа на Венеција - веднаш до благородниците. Татко му Џакопо бил еден од водечките сликари на Републиката, и иако Џовани бил роден вон брак (не се знае неговата вистинска мајка), тој бил растен и обучуван заедно со брат му Џентиле. Династијата Белини била идеалната уметничка заедница, во која секој секому помагал, но на почетокот сепак Џентиле бил сметан за поталентираниот.

Мантења и Белини станале зет и шура во 1453 кога Џакопо, свесен за репутацијата во подем на Мантења, го „поттикнал“ да ја ожени неговата ќерка Николосија, и го внел во семејната фирма. Тоа било дел од планот семејството Мантења да доминира со уметничкиот живот, не само во Венеција туку и пошироко.

Така започнал период на меѓусебни позајмувања и влијанија помеѓу двајцата сликари, помеѓу зетот и шурата, кои изгледа се нашле на иста уметничка „фрекфенција“. Токму ова е тема на нова изложба во Националната галерија во Лондон, под наслов „Мантења и Белини“. Таа ќе биде отворена на 1 октомври, а ќе трае до 27 јануари 2019.

Иако никогаш не работеле на една иста слика, тие сликале слични теми: Св. Јероним во дивината, рајската градина, сцени од Римската историја. Во голем број од нив е евидентно дека биле во сликарски дијалог, надоврзувајќи се и учејќи еден од друг.

Пример: во 1454 Мантења нацртал мало по димензии дело кое ја претставува Богородица, која го покажува малиот Исус на старците во храмот (слика најгоре). Делото изгледа мрачно и енигматично, поради изразот на лицата на присутните во сцената, а и заради тоа што е „врамена“ така што изгледа дека во неа гледате преку прозорец. Ликот на Богородица најверојатно е ликот на жената на Мантења, Николосија, а еден од сведоците е идентификуван како негов автопортрет, што ја прави оваа сцена не само библиска, туку можеби и алузија на придружувањето на Мантења на семејството Белини.

По неколку години Белини ја искористил истата за сопствено дело (втора слика подоле). Централната група е композициски идентична, но тој додал дополнителна фигура, повторно веројатен автопортрет, зголемувајќи ја семејната поврзаност. Го адаптирал стилот на шурата на сопствениот - ја омекнал линеарноста на Мантења (чија драперија секогаш изгледа како материјалот да е мокар), ги хармонизирал боите и ги направил изразите на лицата понежни. И сето ова низ позајмување, рафинирање, усовршување, учење.

Што се однесува до вонуметничкиот живот, оној на Белини бил многу посреден, а тој многу поспокоен и со редовни примања, што не можело да се каже за Мантења кој постојано запаѓал во неприлики. Сепак и обајцата се заслужни што Венецијанската школа на сликарство станала една од најпознатите во историјата на уметноста.

26 септември 2018 - 17:15