Уметнички проект: школски фотографии на сите третоодделенци во Лондон

Режисерот Стив МекКвин („Срам“ и Оскар за „12 години роб“) почнува нов проект - ќе ги слика сите ученици од трето одделение кои во моментов учат во Лондон.

Проектот го организира Тејт Бритн, и се очекува да опфати 115.000 деца од 2.410 училишта во Лондон. Како таков тој е еден од најамбициозните уметнички проекти во светот.

Целта според МекКвин е „да се осврнеме на она што сме, од каде доаѓаме и каква е иднината. Живееме во Лондон и мислиме дека го познаваме, но тоа не е така. Потребата да се размислиме за нашата скорешна иднина е итна“, вели тој.

Идејата му се крчкала веќе пет години, а била поттикната од неговото сопствено детство во училиштето во Илинг, кое го опишува како возбудливо и прекрасно. Прашувајќи се каде се и што прават неговите соученици денес, и колку се сменил културолошкиот, етничкиот и образовниот пејзаж во Британија во изминатите години, одлучил да ја регистрира школската сегашност на неговата земја. За таа цел тој ќе најми 30 професионални фотографи кои ќе ги посетуваат училиштата и ќе сликаат стандардни школски фотографии.

Околу целиот проект сепак има еден голем проблем - со оглед на строгите закони за заштита на податоци, особено кога станува збор за деца, денес е многу покомплицирано да се организира вакво нешто отколку на пример пред десетина години. Сите родители мораат да дадат согласност нивното 7-8 годишно дете да биде фотографирано, а самите училишта можат да се пријавуваат на Tateyear3project.org.uk.

Фотографиите, без коментар, ќе бидат изложени во галеријата Тејт Бритн помеѓу ноември 2019 и мај 2020, а ќе има и патувачка изложба во сите 33 општини на Лондон.

19 септември 2018 - 09:46