Украина ги користи своите најпознати писатели за кампања за безбедно возење

Украинските власти, заради големиот број сообраќајки, спроведуваат кампања, „Преземи контрола“. Главни авторитетни ликови во неа се - старите украински писатели.

Украинската статистика за 2017 покажува дека во сообраќајни несреќи починале повеќе од 3000 луѓе, во рекорден број сообраќајки во земјата. Ова било поттик да се организира кампања за безбедност, во чии рамки, меѓу другото, на возачите им се нудат налепници со ветувања, од типот „нема да твитам додека возам“.

Но овој месец полицијата и локалните власти решиле да одат малку поагресивно, со оглед на поинтензивниот сообраќај во текот на летните одмори.

Така, регионот на Л`вов на својот Фејсбук сајт почна да објавува слики на писатели-класици, како Тарас Шевченко и Иван Франко. Тие нудат совети за возење, од типот „Не пиј додека возиш“ или „Користи појас“, сметајќи на нив како на авторитетни фигури за секој културен Украинец.

На кампањата се придружил и забавниот сајт Ragu.li, кој почнал да објавува познати стихови на украински поети адаптирани така за да звучат како да се излезени од Законот за сообраќај.

Направени се и анимирани видеа, во кои самиот Бог (чиј глас го позајмува Микајло Кома, вокалот на популарната група Џиџио) ги советува возачите да не се глупираат, да носат кациги кога возат мотор или да не ја пречекоруваат дозволената брзина. „Јас сум бесмртен, а ти не“, вели Тој во видеото. Засега никој не кажал ништо против ваквото тврдење.

9 август 2018 - 15:03