Трендот на „ап-лит“, книги што влеваат надеж

Што да се очекува во време во кое луѓето се чувствуваат тензично, изолирано, и во свет кој за многумина е нехуман? Романите кои зборуваат за емотивни, најчесто лични доживувања, и кои даваат надеж во луѓето и животот, се новите книги за самопомош.

Хит на тукушто завршениот саем на книгата во Франкфурт кој оваа година се одржа од 10-14.10, беше дебитански роман на Бет Моури, , „Љубовната приказна на Миси Кармајкл“. По смртта на мажот ѝ, Миси живее сама, па откако ќерка ѝ престанува да ѝ зборува, а синот се сели во Австралија, таа вдомува куче. Тука започнува нивната „љубовна“ приказна, топла и мека, како дебело и бушаво кутре.

Дури десет издавачи се тепале околу правата за објавување на оваа книга на англиски, а се очекува и навала на оние кои понатаму ќе сакаат да ги откупат и правата за превод. Авторката ја напишала во тек на три месеци, додека била на породилно при крајот на 2016. „Сакав да напишам книга која ќе ги расплаче луѓето, но од среќа, не од тага. Сметав дека ни е потребна малку катарза. Тоа го посакував за себеси - она чувство на прочистување откако ќе се исплачеш. Секој сака да знае дека работите ќе бидат ок на микро ниво. Очигледно на макро ниво сите сме проколнати, но ако прочиташ книга и се чувствуваш барем малку посреќен потоа, тоа не е толку лошо“, вели таа.

И овој роман е само еден од многуте „апери“ излезени оваа година, книги кои се однесуваат на менталното здравје, траумата и вознемиреноста, но кои на крај завршуваат со тоа што ликовите се социјализираат и продолжуваат со животот, или наоѓаат надеж онаму каде што најмалку ја очекувале. Дел од нив се мемоари, како „Пет чекори до среќа“ на Ела Доув, полуавтобиографска приказна за тоа како голема несреќа го менува животот на актерка на која не и оди во кариерата. Или „Три жени“ на Лиза Тадео, приказна за тоа како авторката поминала осум години со три жени, дознавајќи ги сите детали од нивниот еротски и љубовен живот.

Најточната дефиниција за овој вид литература е веројатно „инспиративен фикционализиран мемоар“. И поголем број од нивните автори се жени.

15 октомври 2018 - 08:03