Тери Прачет конечно се ракуваше со Смртта

40-те книги од серијата Discworld, продадени во 85 милиони копии на 37 јазици, црната шапка со широк обод со која повеќе личеше на урбан каубој отколку на „сер" и неговото залагање за правото на еутаназија, се работите по кои ќе биде запамтен човекот во чии дела Смртта сака мачки, пилешко со кари и луди журки.

Книгите на Прачет тешко се опишуваат - смешни се, но истовремено длабоки. Зборуваат за измислени светови, но необично потсетуваат на нашите. Можат да се читаат како откачени бајки, но и како сатира на политички и научни теми. Црпат инспирација од Толкин, Шекспир, од митологијата и фолклорот на различни народи, но за фановите на Прачет се едноставно неповторливи и основа за нивен сопствен фолклор.

Животот пак на самиот автор не заврши како бајка во која сите „живеат долго и среќно". Дијагностициран во 2007 со ретка форма на Алцхајмер, тој последните години од својот живот го посвети на зголемувањето на јавната свест за оваа болест, донирање значајни средства за нејзино истражување, држење предавања и снимање документарци во врска со неговата состојба. Во 2011 за Би-би-си беше снимен „Да се одбере да се умре" (Choosing to Die), во кој тој разговара со неколкумина терминално болни кои размислуваат за „асистирано самоубиство", а еден од нив на крајот од филмот и го извршува пред камерите. Филмот предизвика бура контроверзи, телевизијата доби повеќе од илјада поплаки уште пред тој да се емитува, а остро реагирале и неколкумина британски политичари, нарекувајќи го „одвратен". Сепак, за многумина, покрај тоа што е потресен, филмот фрли нова светлина врз ситуацијата на оние кои се соочуваат со фатални исходи и нивното право на мирна, медицински потпомогната смрт, наместо страдање.

На голем број читатели на Прачет омилена книга им е токму онаа која што зборува за Смртта - „Морт", четврта од серијата Дискворлд, објавена 1987, којашто се фокусира на овој лик кој во претходните книги се појавува само патемно. Прекрасната приказна ги превртува стереотипните концепти за смртта, стравот и среќата на глава - тинејџерот Морт којшто не го бива за работа на семејната фарма станува помошник на Смртта, но по секоја цена сака да ја избави неговата љубов, Принцезата, од умирање. Смртта пак е заинтересирана да сфати што значи тоа да се биде човек, и се спријателува со Среќата, која ѝ е најголема мистерија - тоа го прави пиејќи и забавувајќи се, за на крај да си најде друга работа којашто ќе ја исполнува, без притоа никој да мора да умре.

Делата на Прачет се адаптирани за филм, телевизија, стрип, радио драми. Неговите соработници и пријатели сега се простуваат од него преку медиумите и социјалните мрежи. Еден од нив, Нил Гајман, уште пред неколку месеци напиша: „Додека Тери зачекорува прерано во мракот, јас сум гневен, на неправдата којашто ни одзема уште 20 или 30 негови книги. Уште една полица полна со идеи и прекрасни изрази и стари и нови пријатели, приказни во кои луѓето го прават она што го прават на најдобар начин, а тоа е да си ги користат сопствените глави за да излезат од неволји во коишто влегле затоа што не доволно мислеле. Се гневам заради тоа што ќе го загубам мојот пријател. Но потоа си велам: 'Што би направи Тери со оваа лутина?' Па го земам пенкалото, и почнувам да пишувам". Прачет го посакуваше истото - да пишува додека може, за на крај мирно да се ракува со смртта

Целиот документарец Choosing to Die тука: 


13 март 2015 - 08:56