Teмнината е поинаква во ноември

Во серија текстови на Нина МекЛафлин во Париз Ривју, под наслов Новемберанс, таа опишува феномени карактеристичен само за овој месец. Тема на еден од нив, од кого пренесуваме дел, е специфичната светлина во овој месец.

„Ма“, јапонски збор, означува негативен простор, празнина, отсуство. Пауза во време, среде музика, во муабет. Тоа е процеп во кој владее атмосфера на несигурност, но кој истовремено отвара можност. Јапонскиот идеограм се состои од симбол за врата и за месечина, сугерирајќи, како што вели шведскиот лингвист Бернард Калгрен во „Аналитичкиот речник на кинески и сино-јапонски“, дека буквалното значење на зборот е „врата низ која ѕирка месечевата светлина“.

Некои видови светлини односно мрак прават да ни е поудобно со тишината, поинтимно. Во ноември порано се стемнува, процепот низ кој минува светлината станува потесен. Така, и ние се стишуваме. Тоа сепак не е месецот кога се губи најмногу светлина. Дури и август, кога низ дворот летаат светулки, а ти уште шеташ по сандали, губи повеќе светлина во споредба со ноември, и тоа за петнаесетина минути. Но чувството на темнина во ноември е поинакво.

Тоа е во голема мерка заради зимското сметање на времето, кое подразбира дека еден час светлина кој ѝ припаѓал на ноќта сега му припаѓа на утрото. За многумина тоа зајдисонце порането за еден час е суров потсетник дека зимата доаѓа, и дека времето генерално (брзо) минува. Оние кои ги сакаат продолжените самраци на летото, ги минуваат овие ноемвриски попладниња со чувство на летаргија, меланхолија па и на очај. Враќањето на часовникот за еден час за нив е како пад на чевел на тепих, ненадејно, без ехо, после што повторно настапува тишина.

Но кога си очаен и мислиш на смрт не можеш да го почувствуваш вистинското значење на „ма“. Ако се концентрираш, во ноемврискиот мрак сепак можеш да го забележиш процепот, оној низ кој до нас стигнува светлината.

10 ноември 2017 - 19:01