„Стариот“ - приказни за нашите татковци

„Мудро е она дете што го познава татка си", напишал Шекспир. Марк Твен пак во негов стил додал: „А необично е она кое истовремено безрезервно го почитува". Нова книга - збирка кратки приказни за неколку познати татковци раскажани од нивните деца (и од славни деца кои раскажуваат за нивните помалку познати родители), е издадена во чест на Денот на таткото, кој во САД се одбележува третиот ден недела во јуни.

Книгата започнала како блог во 2013, кога поранешен уредник во Њу Мјузикал Експрес, Тед Кеслер, почнал да пишува за татко му, инспириран од неговиот 80-ти роденден. Но наскоро тој почнал да собира кратки приказни од пријатели, главно музичари и музички новинари, за нивните татковци.

„Стариот: приказни за нашите татковци“ ги содржи оние на Пол Велер, Крис Мартин од Колдплеј или на Тилда Свинтон, и тие го покажуваат влијанието кое татковците го имале, за добро или за лошо, врз нивните животи. Свинтон на пример се сеќава дека таа и нејзините браќа најмногу се плашеле од тоа да ги вози татко им, бидејќи тој можел со часови да не каже ниту збор. Обратно, татко му на Род Стујард зборувал многу, и имал прецизни инструкции за палавиот син - „да си го држи в гаќи".

Голем број од татковците на оние кои напишале текст за книгата на Кеслер се веќе починати. Некои со децении чекале извинување од нив кое никогаш не го добиле. Други имале нежни татковци кои заминале прерано. Еве дел од текстот на Адам Коен, за неговиот татко Леонард:

Секогаш имаше смеа. И покрај тоа што е познат по „глас како од дното на пепелникот" или како „принц на темнината", тој е еден од најлуцидните луѓе кои ги знам, великодушен во неговиот хумор. Типот е цепки. Сакате да знаете некои тајни за него? Еве ги: ги сака Џорџ Џонс и Хенк Вилијамс. Патува само со еден мал куфер. Голем број од неговите навидум скапи одела се излитени од носење. Висок е само 172 сантиметри, и покрај длабокиот баритон. Се буди во четири наутро и пишува секој ден од животот. Сам се стриже. Наоѓа сончево место каде и да е, и седнува таму како голема мачка, следејќи го зракот. Иако веќе не пуши, нема ништо друго што би правел порадо. Прави најдобра туна салата - изгледа дека има некој трик. Сака да готви за други луѓе. Минува многу време во кујната. Веројатно е најдобриот готвач на брза храна што го знам.

18 јуни 2016 - 16:59