Спилберг продуцира нова верзија на „Плодови на гневот“

Велат дека филмот на Џон Форд од 1940, правен според романот на Штајнбек, е една од најдобрите филмски адаптации на книжевни дела. Но Спилберг не се плаши од оваа квалификација, и воочи 75-годишнината од објавувањето на книгата ќе прави негов римејк.

Филмот на Форд не само што освои два Оскара, за најдобар режисер и најдобра епизодна женска улога, туку е и на 21 место на списокот од сто најдобри филмови во последните сто години на Американскиот филмски институт. Секој би рекол не е нешто што вреди да се преработува, затоа што секоја верзија ќе биде полоша од оригиналот. Епа Спилберг не мисли така.

Во моментов Спилберг и Дримворкс преговараат со наследниците на Штајнбек околу авторските права. Тој засега е најблиску до договор, бидејќи Роберт Редфорд, кој исто така бил заинтересиран, предложил наместо преработка на филмот мини серија, и бил одбиен.

Една од причините за интересот за адаптација на славниот роман на Штајнбек е тоа што во 2014 тој полни 75 години. Иако имало муабети дека Спилберг самиот ќе го режира филмот, тој сепак ќе се држи до продукцијата, бидејќи веќе е обврзан со адаптцијата на книгата на Бредли Купер, American Sniper.

„Плодови на гневот", чие дејство се одвива за време на Големата депресија, се однесува на животот на сиромашни фармери кои мораат да ја напуштат Оклахома заради песочната бура и да заминат во Калифорнија, сонувајќи за подобар живот, кој никогаш не го наоѓаат.

Еве го трејлерот за филмот од 1940, во кој таткото го игра Хенри Фонда.

4 јули 2013 - 15:30