Виена

Со игла и конец се зашиваат вандализирани портрети на жртви од холокаустот

Што да се направи кога во една средина ќе се појават екстремистички групи кои се обидуваат да шират омраза? Да се земат работите во свои раце, и да се покаже дека не се сите исти. 

Изложбата „Да не заборавиме“ беше отворена минатиот месец на Рингштрасе, една од централните улици на Виена, од страна на австрискиот претседател Александар ван дер Белен. Таа се состоеше со 80 големи фотографии - портрети на преживеани жртви на холокаустот, чиј автор е германско-италијанскиот фотограф Луиџи Тоскано.

Но набргу седум од фотографиите беа пресечени од страна на непознати сторители, а во втора серија вандализирања, кои се случија овој викенд, уште десет беа исшкртани со кукасти крстови и други графити.

И додека политичарите излегоа со изјави на осуда на она што изгледа како радикално десничарско дивеење, дел од граѓаните на Виена решија да сторат нешто повеќе - да бдеат покрај фотографиите, а оние оштетените да ги поправат.

Млади муслимани и католици заедно со еден уметнички колектив со игла и конец ги составиле фотографиите, и со симболичниот гест делумно ја ублажиле штетата. Фотографот Тоскано изјавил дека е трогнат од гестот, а откако контактирал со некои од преживеаните чии слики биле исечени тие му рекле дека тоа е знак дека сега повеќе од кога и да е „овие портрети треба да бидат прикажани“.

Со големина од 2.5 метри на 1.5 метри, фотографиите се на личности интервјуирани и сликани од Тоскано, а до сега се прикажани во 13 земји. Само во Мајнц, Германија, изложбата била под полициски надзор, но на ниту едно место немало вакво вандализирање.

Германскиот министер за надворешни, Хеико Маас, кој е покровител на проектот, изјавил дека ова не е само загрозување на Евреите и на уметничката слобода, туку „напад врз сите нас“.

Од 2015, Тоскано фотографирал скоро 400 преживеани Евреи низ целиот свет. Оние кои се прикажани на оваа изложба биле фотографирани во Германија, САД, Украина, Израел и Русија. Проектот вклучува и книга и документарен филм.

5 јуни 2019 - 17:28